Доколку наесен се случи полошо сценарио со вирусот Ковид-19 тоа би значело поголема концентрација на луѓе во затворени простории и дополнителен број на заболени од сезонски грип. Сето ова може да доведе до пренатрупување на болниците со пациенти и тоа да не може да се изменаџира. Ова сценарио, како што вчера во емисијата Само вистина нагласи министерот за здравство Венко Филипче, би можело да се избегне, но доколку тоа не се случи, здравствените власти ќе го дочекаат подготвени.
„Вториот бран на вирусот е резултат на непочитувањето на мерките за заштита. Мора да има санкции таму каде не се почитуваат мерките. Изминатиот период имаше потфрлања, не се контролираа луѓето и местата каде се организираа настани. И граѓаните мора да се свесни дека мерките треба да се почитуваат за да го заштитат сопственото и јавното здравје“, истакна Венко Филипче.
Филипче вели дека во следните две недели ќе се знае дали од септември ќе почнат со работа градинките и училиштата. Здравствениот систем веќе два месеци интензивно се подготвува за есенскиот период со зајакнување на постојните јавно-здравствени установи за третман на пациентите со коронавирус. Тој најави дека 16 болници низ Северна Македонија ќе добијат мини-инфективни одделенија.
Претседателот на Комисијата за заразни болести Жарко Караџовски вели дека ќе треба да се подготвиме и за вирусот, заедно со респираторните вируси од октомрви натаму, што ќе го зголеми капацитетот на болниците дополнително.
„Ние сме свесни деки доаѓаат респираторни вируси во есенско зимскиот период. Тоа значи дека од окромври па натаму почнуваат аденовирози, респираторни синцицијални вируси, параинфлуенца и инфлуенца. Кога ќе дојде инфлуенца тоа значи околу Божиќните и Новогодишните празници ќе ни се случи втор бран, во кој што со сигурност ќе имаме зголемен капацитет на хоспитализација на болни, ќе се искомплицира состојбата заради тоа што ние во секој момент знаеме дека околу 20 проценти од досегашните капацитети ќе бидат пополнети со заразни заболувања од групата на респираторни вируси, а тоа пред се е инфлуенца“, посочи Жарко Караџовски.
Инаку, во последните 24 часа се направени 1.845 тестирања, а регистрирани се 155 нови случаи на ковид-19. Починати се 2 лица, пациент од Скопје и пациент од Штип. Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 11.554, на починати е 519, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 3.428.
