Граѓаните сакаат вакцини – тоа е единствен спас од пандемијата со ковид-19

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Колективна имунизација е единствениот лек за да се заштитиме од пандемијата со Корона вирусот, затоа секој треба да прими вакцина, сметаат граѓаните. Голем дел од оние кои тв 21 ги праша, велат дека би се вакцинирале со било која од вакцините бидејќи како што велат, со вакцинацијата против ќе се намали бројот на новозаразени и ќе се вратиме во нормален живот.

„Ова требаше порано да се случи, добро е, добро оди. Важно се опаметивме. Тоа е важно. Друго, без вакцина нема спас, да знаете. Јас се вакцинирав, со Астра Зенека“, вели граѓанин.

„Јас не се вакцинирав бидејќи имам антитела. Да пројде тоа па ќе се вакцинирам. Сите треба да се вакцинираме до еден, сите. Би се вакцинирал со било која, јас верувам во науката, во ништо друго“, рече граѓанин.

„Изгледа ќе мора вакцинирање, не гледам друго оти не стивнува ова. Еве не работат кафаните, седиме пиеме кафе на клупа. Изгледа тоа ќе биде единствено. Некој порано ќе го сфати тоа, некој подоцна“, порача граѓанин.

Имаше и такви кои и покрај сомнежот во безбедноста и ефикасноста на вакцините, би се вакцинирале.

„Вакцините се превенција сега, ова се нови вакцини колку се испитани и колку се бвезбедни не знаеме, меѓутоа друг начин за заштита мислам дека нема“, додава граѓанин.

„Не знам колку ќе пројде бидејќи имунизацијата трае само шест месеци. Краткорочно е не е долгорочно. Не сум вакцинирана бидејќи сеуште нема доволно вакцини за сите што сакаат да се вакцинираат. Кога би имала можност би бирала со Спутник би се вакцинирала“, вели граѓанин.

Министерот за здравство, Венко Филипче порача дека состојбата со епидемијата бележи надолен тренд, мерките дадоа резултати.

„Искуството ни покажа дека таа многу брзо може да се дестабилизира доколку не се почитуваат мерките. Пред нас следат празници, слободни денови и убаво време. Да ги искористиме одговорно, да не се групираме и да не ги кршиме мерките за заштита. Има многу начини да поминеме квалитетно време во кругот на семејството и најблиските, а да останеме заштитени од вирусот, објави тој на социјалните мрежи“, посочи граѓанин.

Филипче соопшти дека од следната недела пристигаат поголеми количини на вакцини и ќе ги подигнеме капацитетите за вакцинација на максимум. Пред два дена се вакцинираа и македонските пратеници како дел од имунизацијата на критичната инфраструктура во земјата. Владините претставници ќе се вакцинираат по празникот Велигден, кога ќе пристигнат и првите поголеми количини вакцини. Досега во земјава се вакцинирани околу 45 илјади граѓани, а околу 193 илјади други чекаат да бидат повикани.