Капитенот на швајцарската фудбалска репрезентација, Гранит Џака, доби условна парична казна за фалсификување сертификати за вакцинација против КОВИД-19 за време на пандемијата.
34-годишниот фудбалер ја објави одлуката од кривичната постапка против него во четвртокот преку својот профил на Инстаграм.
Џака е казнет со 50 дневни глоби од по 3.000 швајцарски франци, односно вкупно 150.000 франци. Казната е условна со рок на проверка од две години, што значи дека тој нема да мора да ја плати доколку во тој период не стори ново кривично дело.
Фудбалерот ги подмирил судските трошоци.
„Откако ја дадов целосната изјава во обвинителството, одлуката е донесена. Тоа значи дека казната нема да се изврши доколку во овој период не сторам ново кривично дело. Ги платив судските трошоци“, напиша Џака на Инстаграм.
Џака признал дека за време на пандемијата фалсификувал два сертификати за вакцинација. Случајот беше откриен откако швајцарскиот весник „Блик“ објави информации за истрага што ја водело Обвинителството во Луцерн.
