Викендов што помина, граница меѓу Албанија и Косово не постоеше. Барем за граѓаните на двете држави, кои поминаа без никој да ги застане за проверка на документи.
-Во ниту еден момент не ни беа побарани документите, поминавме многу брзо, без проблем.
-Дали ви ги побараа документите? Не на граница, не, само овде на рутинската контрола ни ја направија, велат граѓаните.
Ова олеснување доаѓа по потпишаниот договор на 20 јуни меѓу Владата на Албанија и Косово, со кој се предвидува секој викенд и секој национален празник граница да не постои. Но, тоа не важи за граѓаните од другите земји, вклучително и од Северна Македонија, кои ќе мора да чекаат ред за контрола на документите.
Заменик министерот за внатрешни работи Назим Буши за ТВ21 изјави дека во моментов нема план за ист договор меѓу Северна Македонија и Албанија каков што веќе има Албанија со Косово.
-Ние како МВР на 10.06.2021 година потпишавме Договор меѓу Владата на Северна Македонија со Советот на министри на Албанија за заеднички гранични контроли на граничниот премин Ќафасан со ONE STOP SHOP, додека со МВР на Република Косово сме на крај со на преговорите да се има ист договор како со Република Албанија, но не како што има Договорот меѓу Република Албанија и Република Косово, вели Буши.
ТВ21 побара став и од МВР и од Владата на Албанија, но не добивме никаков одговор. Инаку, овој договор меѓу Косово и Албанија во текот на викендов речиси целосно го олесни протокот на границата, со што граѓаните на Косово можеа да го изберат албанското крајбрежје за летување.