Грчката полиција објави дека запленила 500.000 таблети екстази и уапсила три лица, осомничени дека биле поврзани со таа дрога.
Полициската операција се случи во петокот во Солун, вториот по големина град во Грција, објави АП.
Вредноста на запленетата дрога се проценува на околу 10 милиони евра, се вели во полициското соопштение.
На почетокот на акцијата, полицијата уапси 56-годишен Грк, возач на камионот, во чие возило пронашле 180.000 таблети екстази.
Набргу потоа, полицијата запре автомобил во кој откри 320.000 таблети екстази и уапси двајца државјани на Ирак.
Полицијата соопшти дека трага по друг грчки возач на камион.
Претставник на грчката полиција, кој побара анонимност, за Асошиејтед прес изјави дека запленетата дрога е произведена во Западна Европа и дека најверојатно е наменета за пазари во Грција и Турција.
