Патиштата низ Грција и граничните премини кон соседните земји ќе бидат проодни во следните три дена, откако грчките земјоделци одлучија привремено да ги прекинат блокадите до петок, за да се олесни празничното патување.
Граничниот премин „Евзони“, кој изминативе денови беше повремено блокиран, ќе остане целосно отворен. Иако тракторите и натаму се распоредени во близина на границите и по патиштата, тие нема да го попречуваат сообраќајот.
Земјоделците најавуваат дека протестите започнати на 30 ноември продолжуваат и по празниците. Одлука за натамошните чекори ќе биде донесена на заеднички состанок закажан за недела кај патарината Малгара, во близина на Солун.
Нивните барања остануваат исти: исплата на заостанатите субвенции, намалување на високите трошоци за производство, подобри откупни цени и расчистување на скандалот со европските земјоделски фондови.
