Грегорчиќ: ЕУ да го зацврсти влијанието во регионов – Милошоски ќе бара МНР да реферира за преговорите со Бугарија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Дали случувањата во Украина може да придонесе да се забрзаат процесите за европските интеграции на земјава што би придонело за намалувања на други влијанија во регионов. Претседателката на Комисијата за надворешна политика на Државниот збор на Словенија Моника Грегорчиќ целосно ја изрази поддршката на Република Словенија во тој процес и очекува тоа наскоро да се случи што ќе превенира други актери да ја преземат улога во регионот.

„Веќе се случуваат сега и Европската унија  мора да направи се да стане не само фактор на мека моќ, туку на тврда моќ откако околностите сега укажуваат дека тоа е потребно. Нашата надворешна политика останува иста и нема можност тоа да се промени, ние и натаму сме силен поддржувач на процесот на проширување“, истакна Моника Грегорчиќ.

Претседателот на собраниската комисија за надворешни работи Антонио Милошоски со забелешка дека преговорите со Република Бугарија се водат многу нетранспарентно, особено по најавите дека Скопје и Софија подготвуваат некаков сеопфатен документ кој треба да стане дел од преговарачката рамка.

„Она во што се сомневаме е дека Владата има намера да го заобиколи Собранието. Овој текст да биде доставен до Брисел каде што бугарските условувања би станале дел од европската рамка без за тоа пратениците кои што се избрани од народот да имаат можност да дадат забелешки или да го подобрат истиот. И сметам дека таквиот начин не е демократски и затоа ќе ги повикаме и премиерот и Министерството за надворешни работи да дојдат во Собранието и да дадат отчет за тоа што го разговараат во моментот“, вели Антонио Милошоски.

Милошоски за утре ја закажа седницата на собраниската Комисија за надворешни работи на која ќе се дискутира и ќе треба да се усвои Декларација за поддршка на Украина по руската инвазија.