Грешка во системот за пријавување за вакцинација, или некоординираност помеѓу здравствените институции и ресорното министерство. Иако од Министерството за здравство денеска излегоа со соопштение дека граѓаните ќе се вакцинираат во местото на живеење и веќе нема да има потреба од прошетки по други градови, сепак ваквиот допис не стигнал до вистинската адреса. Од таму велат дека граѓаните кои вчера добија известувања преку смс пораки за вакцинација против Ковид-19 во друг град, тоа ќе можат да го сторат во местото каде што живеат, додавајќи дека не е потребно повторно да се пријават на сајтот за вакцинација ниту кај својот матичен лекар, доволно е кога ќе дојдат на вакциналниот пункт да ја покажат пораката која ја добиле.
„Мобилни екипи е можно и веќе делумно функционираат кај неподвижните пациенти и кај тие што се сместени во старечките домови. И тука на крајот на секој од работните денови се вакцинираат сите домови за сместување на на стари лица“, рече министерот за здравство Венко Филипче.
Директорот на градската болница во Гевгелија, Митко Крџев вели дека ваков допис од министерството сеуште нема стигнато до него.
„Официјално соопштеније сеуште немаме добиено. Трба да ни се јават затоа што ние земавме една ограничена количина на вакцини за луѓе кои што се закажани кај нас за овие пет-шест дена. Претпоставувам дека сега ќе ни се јават дополнително за сите овие што се закажани на страна да се продолжи вакцинирањето тука, што е и логично на некој начин, значи ќе треба да се престроктуираме“, истакна директорот на болницата во Гевгелија, Митко Крџев.
Во текот на вчерашниот ден на социјалните мрежи се појавија тврдења на лица кои тврдеа дека добиле известувања за вакцинација во друг град. Но, од МЗ велат дека според анализата на системот „Мој Термин“, граѓаните при закажувањето за вакцинација сами направиле погрешен избор на локација каде сакаат да се вакцинираат. Од таму апелираат до граѓаните да го почитуваат терминот за вакцинација, со цел да не се создаде метеж на вакциналните пунктови. Процесот на вакцинација моментално се спроведува во Скопје, Куманово, Охрид, Штип, Кавадарци, Тетово и Битола, додека вакцинални пунктови има и во здравствените установи во Струмица, Прилеп, Гостивар, Кичево, Струга, Велес, Кочани, Дебар и Гевгелија. Во текот на вчерашниот ден од 9.000 граѓани кои добиле термин за вакцинирање, само половина се пријавиле за вакцинирање. Досега, против Ковид-19 се вакцинирале 61.603 лица, додека 218.577 лица се пријавиле за вакцинација.
