Грешки во учебниците – авторката се извини, но лошо се чувствува од навредите на социјалните мрежи

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Грешки во учебникот по историја и општество за петто одделение основно образование од авторите Анита Ангеловска и Гликерија Илиоска. Во учебникот пишува дека Монт Еверест е висок над 29 илјади, иако е висок 8.849 метри. Исто така пишува дека Македонија на исток граничи со Албанија, а на запад со Бугарија, а всушност е обратно. За ваквите грешки, министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, за ТВ21 рече дека книгите пред да се објават поминуваат неколку филтри, како што се рецензенти и неодамна формираниот Национален совет.

„Еден учебник мора да помине неколку филтри за одобрување. Јас го прифатив доцнењето, затоа ги доставив материјалите само да бидеме претпазливи колку што е можно повеќе за овие грешки кои не треба да се случуваат и треба да бидат забележани од авторите и рецензентите“, вели Јетон Шаќири.

Една од авторките на учебникот, Анита Ангеловска, преку фејсбук-статус побара извинување од јавноста, пишувајќи дека учебниците поминале низ сите контролни фази, но, и покрај тоа, повторно дошло до грешки.

„Веднаш по печатењето на финалната верзија на учебникот, ги забележавме грешките, кои се настанати во текот на неговата финална подготовка, кои за жал, не се забележани, и покрај тоа што учебниците ги поминаа сите филтри, кои се законски предвидени. Истите грешки ги има и во учебникот преведен на албански јазик, кој е споделен во електронската верзија. Веднаш по констатираните грешки, писмено се обративме до надлежното министерство за да се направат исправки, барем во електронските верзии на учебниците. Навистина ни е жал што во нашите напори да не пропуштиме нешто суштинско, сме пропуштиле да поминат вакви технички грешки, кои ја разбрануваа јавноста“, порача Анита Ангеловска.

Ангеловска вели дека се чувствува лошо поради навредливите коментари на социјалните мрежи.