Грција донесе закон со кој се дозволува 13-часовен работен ден

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Грчките пратеници усвоија закон со кој се воведува можност за 13-часовен работен ден во приватниот сектор, што синдикатите и левицата го осудија како „вистински среден век“.

По дводневна дебата, мнозинството пратеници, особено оние од владејачката десница, гласаа за законот, кој го предложи конзервативната влада.

Предлог-законот предвидува дека, со дополнителна плата, вработениот може да работи до 13 часа дневно за еден работодавач во ограничен број денови во годината.

Една од главните опозициски партии, Сириза (лево), одби да учествува во гласањето, осудувајќи го законот како „законодавна изрода, дерегулација на трудот што ги напаѓа (…) основните права“ на работниците, според Христос Џанулис, портпарол на парламентарната група.

Грција беше делумно парализирана од општи штрајкови во знак на протест против промената двапати, на 1 октомври и во вторник.

Економијата на Грција се опорави од финансиската криза, но платите остануваат ниски.

Можноста за 13-часовен работен ден постоеше и претходно, но само доколку вработениот имал две или повеќе работни места и претставуваше начин да се заштитат вработените од прекумерен обем на работа, но сега се претвора во спротивност бидејќи работодавачот може да бара 13 часа работа дневно, а од вработениот зависи дали „доброволно ќе го прифати тоа“.

Министерката за труд и социјална сигурност, Ники Керамеус, повтори во парламентот дека тоа ќе биде доброволно и дека ниту еден вработен нема да биде принуден да го стори тоа, и, бранејќи ја новата регулатива, рече дека „сега му даваме (на вработениот) можност да работи дополнителна работа за истиот работодавач, без да патува, со 40% повисока плата“.

Таа нагласи дека, според нејзино мислење, „постојат работници кои бараат да работат подолго“, особено во туризмот, еден од главните двигатели на грчката економија, каде што келнерите, хотелскиот персонал и готвачите работат подолго од пропишаните осум часа во лето.

Досега, законот во Грција дозволуваше до три часа прекувремена работа покрај тие осум часа.

Критичарите ја осудија значајната дерегулација на пазарот на трудот што ја иницираше премиерот Киријакос Мицотакис откако дојде на власт во 2019 година.

„13-часовниот работен ден не падна од небо“, рече Никос Андроулакис, лидер на главната опозициска партија ПАСОК (централно-лево), додавајќи: „тоа е најновата алка во синџирот на систематско демонтирање на работничките права“.

Но, десничарската партија Нова демократија (НД) на Киријакос Мицотакис посочи на наглиот пад на невработеноста во Грција во шесте години откако тој дојде на власт, од 18% на 8%.

Лидерот на Сириза, Сократис Фамелос, верува дека „владата воспоставува вистински среден век“.

Пред гласањето на пратениците, министерката за труд повтори дека новата одредба ќе се применува само до 37 дена во годината, или околу три дена во месецот, и ќе биде доброволна.

Таа претходно ја осуди „заблудувачката употреба на терминот „13-часовен работен ден““ бидејќи „сугерира дека сите ќе работат 13 часа на ден“.

Вработените во приватниот и јавниот сектор двапати излегоа на улиците за да го осудат „понатамошното влошување на веќе длабоко проблематичната ситуација“, како што ја опиша најмоќната синдикална организација, Грчката конфедерација на вработени во приватниот сектор (ГСЕЕ).