Грција од денеска во целодневен карантин

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Од шест часот утрово, стапи во сила целосна забрана на движење во Грција, а до 6 април 2020, секој граѓанин за да излезе надвор ќе треба да има посебна потврда, соодветно пополнета и потпишана и само поради конкретни причини, јави дописничката на МИА од Атина.

Пораката до граѓаните е да останат дома, бидејќи е забранета секаква активност, со исклучок на посета на супермаркет, аптеки, посета на лекари или лица на кои им треба грижа, индивидуално спортување, прошетка на домашните миленичиња и секако, исклучок се оние кои работат и треба да стигнат до нивните работни места.

Преку бројот за итни случаи 112, Генералниот секретаријат за цивилна заштита на Грција, синоќа испрати порака до сите корисници на грчките мобилни оператори, со известување дека од шест часот наутро „во сила е строго ограничување на движењето во целата земја“, како и дека дозволено е движење само за конкретни потреби или работа, за кои е потребна дозвола.

-Останете дома, останете безбедни, пишува на крајот на пораката што е на грчки и англиски јазик.

Од ограничувањата се ослободени само вработените во армијата, во полицијата, медицинскиот персонал, како и вработените во службите за цивилна заштита и строго и единствено за исполнување на нивните работни должности.

За новинарите и вработените во медиумите, за сега, не се предвидени никакви олеснувања.

За граѓаните, постојат осум исклучоци од забраната и дозволено е само:

-одење и враќање од работа, само за време на работните часови;

-посета на аптека или доктор;

-посета на продавница за прехранбени продукти, кога не постои можност за достава;

-посета на банка, доколку не е можна електронска трансакција;

-движење за пружање помош на луѓе кои имаат потреба;

-одење на погреб, свадба, крштевка и сл. согласно условите предвидени со закон;

-вежбање надвор или шетање домашно милениче, индивидуално или најмногу до две лица;

-еднократно враќање во местото на постојано живеење;

Паралелно, во приватните и службените возила, дозволено е да има по најмногу две лица, односно возач и совозач.

За оние кои ќе ги прекршат ограничувањата, предвидена е казна во висина од 150 евра.