Алтернативниот шеф на грчката дипломатија Милтијадис Варвициотис предупредува дека Грција би можела да ја преиспита поддршката за процесот за проширување во Европската унија доколку продолжат постапките за непочитување на Преспанскиот договор. Еден од цврстите предуслови што се поставени во преговарачката рамка е доследно спроведување на сите одредби од Договорот од Преспа, укажува Варвициотис.
„Пораката до Северна Македонија е јасна. Враќањето на националистичката реторика ќе не доведе до редефинирање на нашата национална позиција за поддршка на процесот на проширување. Еден од неизбежните предуслови е доследното и правилно спроведување на Договорот од Преспа“, истакна Милтијадис Варвициотис.
Ваквата реакција на Варвициотис доаѓа откако деновиве, веднаш по локалните избори дел од новите градоначалници но и советници кои беа избрани од редовите на ВМРО-ДПМНЕ како што се во Штип и Аеродром потпишаа свечени изјави со старото име, Република Македонија, наместо со уставното име. Претседателот на партијата Христијан Мицкоски рече дека Договорот потпишан со Грција е реалност иако тоа не му се допаѓа.
„Дали таа реалност ни се допаѓа? Не, не ни се допаѓа. Еве ќе ви кажам дека не ни се допаѓа, но доколку не се почитува таа реалност во рамките на административното функционирање на тие институции тогаш ќе имаме проблем со други инстанци како обвинителство, судство и така натаму. Дали ќе работиме таа реалност еден ден кога ќе имаме можност да се промени, еве јас ви кажувам – да“, посочи Христијан Мицкоски.
Но на прашањето на кој начин ќе ја смени таа реалност, дали со поништување на Преспанскиот договор, тој одговори.
„Не јас реков, дали таа реалност ми се допаѓа, не, не ми се допаѓа, но дали таа реалност е реалност, да таа е реалност која што ја донесе Зоран Заев. Тој став јас сум го кажал многу пати во минатото и е непроменет. Па нормално, ова понижување кога ќе седнеме на масата со нашите пријатели еден ден ќе се обидеме да ги убедиме дека оваа реалност за народот во Македонија е понижувачка“, додава Христијан Мицкоски.
Инаку, градоначалниците и советниците ги потпишаа свечените изјави со старото име Република Македонија, правдајќи се дека Уставот не е усогласен со Законот за локална самоуправа во овој дел.
