Координаторот за изградба на коридорот 8 и 10Д Артан Груби напиша фејсбук статус со кој и врати на обвинувањата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ која тврди дека овој договор е штетен. Тој својот став го напиша откако вчера Србија и официјално го пушти во употреба коридорот кој го градеше конзорциумот Бехтел и Енка. Со истиот посебен закон, со истиот договор, фирмата Бехтел и Енка Гради и во Србија, каде што државните власти пуштија во употреба дел од автопатот, напиша Груби. На ова со коментар се јави пратеникот Тони Јаревски од ВМРО-ДПМНЕ кој вели дека автопатот во Србија е со иста должина како и кај нас, но е со дупло пониска цена . Тој преку соопштени направи споредби за договорот за изградбата на автопатот во Србија и кај нас
„Бехтел и Енка во Србија се одбрани на тендер, кај нас директно, без тендер, со договор напишан во четири очи. Автопатот со приближно иста должина во Србија вреди 750 милиони евра, во Македонија почетна вредност со истата Бехтел и Енка вреди 1.3 милијарди евра. Километар автопат во Србија вреди 7 милиони евра, во Македонија 20 милиони евра. Надзор во Србија е професионална фирма, надзор во Македонија е фирма за долна облека со 4 вработени“, вели Тони Јаревски.
Веднаш по ова со нова реакција се огласи Груби кој вели дека ВМРО-ДПМНЕ лаже.
„ВМРО лаже, многу и бесрамно или пак можеби едноставно не разбираат. Бехтел и Енка во Србија го градат автопатот: без тендер, со посебен закон, со истиот договор како и нашиот, поскапо по километар отколку кај нас. Пратениците одлучуваат дали автопатит ќе се градат побрзо и поевтино или побавно и поскапо“, порача Артан Груби.
Деновиве на сметката на Јавното претпријатие за државни патишта се префрлени 117 милиони евра кои се наменети за подготвителни работи за коридорот 8 и 10Д. Ваквата информација ја пренесе ВМРО-ДПМНЕ а потоа ја потврдија и од власта, но опозицијата тврди дека државата до 6 мај ќе треба дополнително да и плати на Бехтел и Енка пенали од најмалку 53 милиони евра затоа што се уште не е донесен законот со кој наместо 40 ќе се воведе 60 часовна работна недела.
