Вината за тоа што Северна Македонија се уште нема вакцини, првиот вицепремиер Артан Груби, ја префрли на Европската унија. Како што вели тој, разочаран е од несолидарноста. Тврди дека земјава има договор со Фајзер, Синофарм, Спутник В и Астра Зенека, но приоритет имале побогатите и поголеми држави.
„Да ви кажам искрено, разочаран сум од недостигот на солидарност,особено од ЕУ со државите од Западен Балкан во врска со вакцините. Сметам дека и Западен Балкан е дел од големата одговорност на ЕУ и ова покажува системска грешка во функционирањето на Унијата во однос на солидарноста на земјите членки, но и земјите кандидати за членство“, истакна Артан Груби.
Познато е дека проблем со набавката на вакцини имаат и поразвиените земји. Но, солидарност од Европската унија има. Пример за тоа е Солидарниот фонд, преку кој беа обезбедени над 500 милиони евра за помош на земјите членки, но и за земјите кои имаат статус кандидатки. Сепак, Македонија не ја искористи можноста да добие пари од овој фонд, бидејќи не ги исполнувала условите.
„Република Северна Македонија имаше право и тие првично им се обратија на службите во Комисијата со прелиминарно писмо во кое се наведува нивната намера да аплицираат, но конечно не доставија официјална апликација до единствениот рок до 24 јуни“, велат од Европската Комисија.
Од Влада за ТВ21, вчера рекоа дека донеле одлука да аплицираат, но дека по обработката на податоците заклучиле дека земјава не ги исполнува условите.
Инаку, од Европската унија, Северна Македонија досега во борбата со Ковид-19 добила 66 милиони евра кои биле распределени за критичните институции.
