Груби се фали со изградба на градинка во Чаир – Ганиу: Договорот е склучен 5 недели пред Груби да стане вицепремиер

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ДУИ продолжува со средбите со граѓани под мотото „Заедно за Европа“. Синоќа интегративците го посетија Јегуновце. Оттаму, првиот вицепремиер, Артан Груби говореше за нивната работа, а истовремено се пофали и за новиот објект на градинката „Фидани“ кој се гради во Чаир. Вели дека ова ќе биде најголемата градинка во земјава.

„Само во Чаир се гради најголемата градинка во земјава. Два милиони евра за градинка која се гради во општина Чаир и е еден од најголемите капитални проекти досега ги има преземено МТСП“, вели Артан Груби.

Но, на ова реагираше градоначалникот на општина Чаир, Висар Ганиу, кој, како што е веќе познато, е дел од групата на незадоволните членови на ДУИ, односно „огнена група“.
Тој вели дека Груби се обидува да ги преземе заслугите за градинката во Чаир, бидејќи, како што објаснува, процедурите за проектот се завршени уште пред Груби да стане вицепремиер.

„Вистината за градинката во Чаир е дека сите процедури за нејзина изградба заедно со договорот за почеток на градењето потпишан од тогашниот заменик-министер за труд и социјална политика, Ѓонул Бајрактар ​​и претпријатието „БАУЕР БГ“ се завршени на 24 јули 2020 година. Значи, сите овие процедури се завршени во времето кога Артан Груби не беше ниту на листата желби да стане прв вицепремиер на Владата, бидејќи тој на оваа функција дојде пет недели подоцна, односно на 30 август 2020 година“, порача Висар Ганиу.

Во меѓувреме контра-реакција од Назиф Буши, Ардиан Муча, Рами Ќерими, и уште неколкумина кои ја оспоруваат изјавата на Ганиу:

„Сите проекти имаат печат од нас и се направени заедно, бидејќи сами не можеме да направиме ништо. Ова ни го овозможија ДУИ и претседателот Али Ахмети“, велат од огранокот на ДУИ во Чаир.

Инаку, градежните активности за оваа градинка сѐ уште не се финализирани, иако според договорот требаше да завршат на 31.12.2022 година. Камен темелникот беше поставен на 25.12.2020 година, а на настанот присуствуваа градоначалникот на Чаир, Ганиу, но и првиот вицепремиер, Груби.