Надминати се сите препреки и е потврден изборот на компанијата ИРД како консултант и надзорник на работите на Коридорот 8 и 10-Д, а ќе го гради компанијата “Бехтел и Енка“.
Според првиот вицепремиер Артан Груби, со проектот се предвидува автопатот Тетово-Гостивар да се раскопа целосно и да се изгради нов автопат со три коловозни ленти.
„Потпишавме конзорциум можеби најголемиот, за изградба “Бехтел Енка“, американско-турска компанија, за изградба на автопатот на коридорот 8. Тој автопат подразбира целосно раскопување на постоечкиот пат Тетово-Гостивар, сите четири ленти ќе се раскопаат и ќе се изгради автопат со три ленти на секоја страна, плус еден страничен пат кој ќе ги поврзува селата од Тетово до Гостивар“, вели Артан Груби.
Премиерот Димитар Ковачевски на прашањето за автопатот со Албанија вели дека причините за одложување на работите биле историски и политички, додавајќи дека за 30 години никој не сакал да го изгради.
Премиерот Ковачевски зборуваше и за автопатот Скопје-Блаце нарекувајќи го најкомплициран и најтежок пат за правење. Меѓутоа има волја да се изгради рече првиот човек на Владата, кој додаде дека втората фаза се проектира и штом заврши ќе се објави тендер за избор на изведувач. Инаку за изградбата на автопатите од коридорот 8, во буџетот за 2023 се предвидени 244 милиони евра.
