Првиот човек на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ во интервју за ТВ21 истакна дека и натаму постои сериозен скептицизам во однос на европската перспектива во сите општества на Западен Балкан.
„претпоставувам дека забележуваме дека не се откажале антиевропските опозиции никаде во нашите земји и дека не се ни малку немоќни. Значи, постои и понатаму сериозен скептицизам во однос на европската перспектива во сите општества на Западен Балкан. Јас мислам дека е многу важно да го победиме тој скептицизам. Тоа се разбира ќе биде еден долгорочен процес но е многу важно да во тоа помогнат европските и евроатланските партнери. Значи ние како носители на тој систем на вредности, носители на тие политики од тој систем на вредности, полесно ќе го победиме отпорот овде ако имаме доволни и конзистентни оптимистички пораки и политики пред се од Брисел и другите европски центри. Вие ќе се сетите дека првата порака од претходната Европска Комисија беше дека во текот на нејзиниот мандат нема да има политика на проширување, тоа не е добра порака. Второ, кога дојде новата Европска Комисија со претседателката Фон Дер Лејен имавме доста оптимистички пораки но секако со тие пораки се сеќавате дека од другите европски центри се појавија потполно спротивни пораки. Значи тие пораки беа дека нема да има проширување без претходна консолидација и единство во самата Европска Унија. Јас не мислам дека се тоа пораки за поттикнување на реформи во земјите од Западен Балкан“, посочи Мило Ѓукановиќ.
Тој вели дека мораме да разбереме дека на Западен Балкан евроскептицизмот е некако вроден затоа што останал надвор од матичните текови на европската цивилизација после Втората Светска војна.
„Значи логично е луѓето да се плашат од новото и непознатото, посебно се плашат кога знаат дека тоа новото со себе носи и одредени социјални жртви. Јас мислам дека е многу битно да постои добра спрега помеѓу проевропските влади во нашиот регион и нашите европски и евроатлански партнери, значи ние мораме да го отвориме просторот за подобро разбирање на либералната демократија од западен тип во нашиот регион“, додава Ѓукановиќ за ТВ21.
