Хајрулахи ќе се кандидира за Републички јавен обвинител: Обвинителството е на колена, ќе се крене ако се тргнат десетина обвинители

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Мустафа Хајрулахи, поранешен виш јавен обвинител и адвокат, најави дека ќе се кандидира за републички јавен обвинител. Хајрулахи беше суспендиран и со сопствена оставка го напушти Јавното обвинителство, за кого вели дека тоа мора да се причисти и да се врати неговиот углед и функционалност.

Хајрулахи во емисијата „За или против“ на Алфа телевизија кажа дека Обвинителството е во длабока криза и дека функционира без хиерархија и одговорност.

„Ќе конкурирам за републички јавен обвинител, ги исполнувам условите. Зошто да не. Се надевам дека ако дојде до мој избор, веќе нема да разговараме за овие прашања“, изјави Хајрулахи.

Според Хајрулахи, институцијата мора да се прочисти од „десетина луѓе“ кои го рушат угледот на сметка на „огромното мнозинство вредни и чесни обвинители“.

„Десет обвинители ако се тргнат од тоа обвинителство и некои инсталати нивни, за шест месеци до една година Јавното обвинителство ќе се крене на нозе, затоа што сега е паднато на колена. Таму моментално функционира принципот на брауново движење, обезглавено е. Ги интересира рекетот, ги интересираат притворите да стават некого во притвор, да го држат месец-два, па после да го пуштат, за добар договор, рече Хајрулахи.

„Со Коцевски институцијата беше претворена во приватна испостава. Дел од дисциплинските комисии работеа под директни притисоци. Имаше зависни, уценети и под влијание обвинители. Во такви услови не може да има законитост. Не знаеше што му се случува во институцијата и дејствуваше по нарачка. Јовевски барем беше писмен, но немаше став. Со Коцевски беше уште полошо, рече Хајрулахи.