Хаосот со системот за аплицирање и прераспределба за вакцинација продолжува и понатаму. Голем број граѓани веќе неколку денови реагираат дека иако аплицирале да се вакцинираат во градот каде што живеат, сепак терминот го добиле во сосема друг град. Иако Министерството за здравство излезе со соопштение дека граѓаните може слободно да се вакцинираат во местото на живеење и дека веќе нема потреба од прошетки по други градови, сепак од локалните болници велат дека ваков допис немаат добиено. Тие повторно ги враќаат граѓаните да се вакцинираат во градовите каде што им одредил системот, со изговор дека немаат доволно вакцини.
„Официјален допис од Министерството за здравство немаме добиено. Вакцините кои се донесени се за пациентите кои се на термин кај нас односно веќе се закажани на мој термин“, посочија од општата Болница во Гевгелија.
Иако не одговори зошто официјален допис немаат пратено во локалните болници по објавеното соопштение, ресорниот министер вината ја насочува кон граѓаните за кои тврди дека направиле грешка при изборот на градот за вакцинација.
„Во однос на тоа што некои граѓани добиле информација да се евакцинираат во друг град и покрај тоа што во нивниот има пункт таа проверка во системот покажува дека имало проблем при апликацијата, значи се аплицирало за некој друг пункт по грешка.Нема друга причина да граѓаните од друг град каде што има пункт оди во друг“, посочи Филипче.
Кога сатнува збор за регионите и помалите градови, Филипче вели дека на почетокот на неделата кога почна масовната вакцинација вакцините се поделени на секаде во поголемите пунктови во спортските сали, а подоцна и во малите здравствени домови. Како ќе доаѓаат вакцините, ќе бидат распределени низ градовите во земјава, за што поголем број граѓани добијат вакцина. Близу 104 илјади граѓани досега се вакцинирани, од кои околу 24 илјади вакцинирани и ревакцинирани. Тој упати апел до граѓаните да се вакцинираат бидејќи само така ќе може да се стави крај на оваа пандемија. Министерот за здравство Венко Филипче денеска на вакциналниот пункт во спортската сала „Борис Трајковски“ во Скопје се вакцинираше против Ковид-19 со вакцина од кинескиот производител „Синофарм“.
