И ајварот станува луксуз – земјоделците револтирани ги фрлаат пиперките

НАЈНОВИ ВЕСТИ

„Втора рунда, 10, 15, 20, дојде живот…Господ грев да им пише на трговците за хранава што ја фрламе, не сме ние криви…“

Вака изгледа пласманот на пиперката за ајвар во време кога министрот Николовски најавува дека ќе има криза за храна, а која и онака е тешко достапна заради високите цени. Земјоделците изреволтирани ги фрлаат во депонија, бидејќи не можат да си ги покријат трошиците. И додека едни ги фрлаат, на други на пазар им се скапи. Трети тријат раце, а тоа се трговците кои се единствените очигледно со заработка во целиот процес од нива до крајниот потрошувач.

Утрово го посетивме Зелен пазар каде пиперката за ајвар се продава по 50 денари што е за трипати повеќе од откупната. Ги прашавме граѓаните дали ќе купуваат или ќе прават ајвар со оглед на тоа дека и зејтинот годинава е поскап и се движи од 130 до 140 денари.

„Ова е трагедија. Луѓето ги фрлаат пиперките, на пазарот се скапи“.

Ќе правите ли ајвар дома?

„Да“.

Не се скапи пиперките?

„Па убава е цената“.

Поисплатливо е да се прави дома или да се купи од маркет?

„Поисплатливо е дома, правиш за своја душа. Во маркет тоа не е ајвар што се прави“.

„Тоа што ќе си го замешаш со своја рака нема послатко“.

„Скап е пиперот, скапо ќе чини ајварот“.

Ќе правите?

„Мора заради децата“.

„Може да купам, не ми се исплати вака многу е скапо“.

И доколку сте во дилема дали да правите или да купите ајвар, еве што вели нашата математика. За дваесет тегли домашен ајвар се потребни околу 60 килограми пиперки, од кои килограм чини 50 денари,  потоа потребни се 4 литри зејтин, чија цена е 130 денари.

Тоа значи дека ќе потрошите најмалку 3 500 денари. Доколку одлучите да си купите од маркет таму цената се движи од 250 до 350 денари зависно од производителот. Ако ја земеме најниската цена, 20 тегли ајвар ќе ве чинат 5000 денари.