И по средбата во Владата, нема напредок за надминување на проблемот во Синичане

НАЈНОВИ ВЕСТИ

По три часа разговори на градоначалникот на Боговиње Аљбон Џемаили со премиерот Оливер Спасовски и неколку министри договор нема. Министерот за земјоделство Трајан Димковски кој беше еден од присутните рече дека на оваа средба единствено се согласиле дека се работи за проблем кој тешко се надминува и дека утре во 12 часот треба да ги продолжат разговорите во Боговиње.

„Очигледно проблемот не е лесно решлив иако се искажа добра надеж од сите страни дека секако проблемот го гледавме долгорочно да се реши, најдовме можности и целосна поддршка од институциите за долгорочно решавање.“, рече Димковски.

Од протестите право во Влада. Градоначалникот на Боговиње Аљбон Џемаили изјави дека утре разговорите треба да ги водат, како што рече, со поладни глави, за да се реши проблемот со водата за пиење. Тој на оваа средба не пропуштил да го праша министерот Агим Нухиу, зошто испратил полиција.

„Не треба да му се дава етнички карактер на ова прашање. Директно го прашав министерот зошто полицијата се уште е таму, но писмен одговор се уште немам добиено. Тој ми објасни дека во неколку места е побарано присуство на полицијата заради заштита на безбедноста на граѓаните.“, рече Џемаили.

Вчера министерот Нухиу во изјава за ТВ21 го обвини градоначалникот Џемаили дека манипулира со жителите на Синичане и со тоа се обидува да ја прикрие својата неспособност.

-Градоначалникот отишол и изјавил во полиција дека ќе ги повика жителите на Синичане да се откажат од преземање на овие дејствија сѐ додека не се комплетира документацијата. А од друга страна, пак, самиот отишол во тетовската полиција и изјавил дека безбедносната состојба може да ескалира-рече Нухиу.

Протестите почнаа пред два дена откако жителите на селата Урвич и Синичане се судрија околу изградбата на водоводот.