За нарачка на производи од „Тему“ и слични онлајн продавници во вредност од 1.000 денари, наскоро ќе плаќате плус 180 денари или 3 евра плус. Ќе се плаќа 18% ДДВ за нарачките од странство кои се под 22 евра, кои до сега беа ослободени. Тоа ќе значи поскапување за сите производи кои досега не се оданочуваа. Владата достави предлог до Собранието за измени на Законот за данокот на додадена вредност. За експертите измените се добри за да се заштитат домашните компании.
-Сепак се добри, се со намера да се стопираат незаконите кои се случуваат. Но да се разбереме дека јас не сум против либерализација на економијата поради тоа што граѓаните можат да купуваат производи со пониски цени, вели универзитетскиот професор, Насир Селими и додава:
-Треба да се внимава за кои производи се работи, се со цел да не се оштетат домашните фирми, домашните продавници кои веќе се пријавуваат дека се доста оштетени од увозот од фирмата Тему.
Данок нема да се плаќа за пакет испратен како подарок, но под услов да не чини повеќе од 22 евра и да не е алкохол, парфем или цигари.
Според министерството за финансии законските измени се со цел поддршка на домашната економија и компаниите. Велат околу 65.000 евра месечно колку што во одредени периоди изнесува прометот кон странските онлајн платформи, ќе се пренасочат кон домашното стопанство.
-Овие средства ќе придонесат за развој на локалните компании, отворање нови работни места и исплата на повисоки плати на вработените. Измените ќе помогнат во намалување на сивата економија, имајќи предвид дека досегашниот систем овозможуваше злоупотреби – односно увоз на стоки ослободени од данок кои понатаму се продаваат на домашниот пазар, велат од министерството за финансии.
Инаку, само во јуни, македонските граѓани нарачале 250 тони стока преку Тему. Од нив, 95 тони биле во вредност под 22 евра и за нив не е платено ништо. За останатата стока, државата наплатила над 680 илјади евра давачки. Вкупните он-лајн трансакции пак на граѓаните во првата половина од годинава пораснале за 34,3% и изнесуваат 456,3 милиони евра. Увозот од Кина до август годинава пораснал за 15,7% или во земјава е влезена кинеска стока вредна околу 800 милиони евра.
Според сегашаната практика за пратки до 22 евра не се плаќаат давачки, од 22 до 45 евра се плаќа само ДДВ, а над 45 евра се пресметува и царина и ДДВ.