И УПОЗ бара повисоки плати – Ковачевски: ВМРО-ДПМНЕ беше против минималецот, потоа решија дека се „за“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Синдикатот на УПОЗ упати до Владата барање заедно со измената на Законот за минимална плата во скратена постапка да се направат измени и на посебните закони кои ги регулираат платите на вработените во администрацијата и правосудството. Доколку тоа не се случи цела група вработени во администрацијата ќе се изедначат со минималната плата, велат од УПОЗ и најавуваат дека доколку Владата нема слух тие ќе стапат во штрајк.

„Вредноста на минималната плата да биде земена како основна плата и сите вработени да имаат одредени бодови за ниво. На овој начин ниту еден вработен во администрацијата не би бил на минимална плата и за прв пат во историјата ќе имаме усогласување на платите со минималната плата во администрацијата и правосудството. Доколку истото не се случи Синдикатот на УПОЗ ќе биде приморан да ја активира одлуката донесено на претседателството наше донесена во месец ноември и незадоволството на вработените да го изрази преку одржување на протести“, вели Трпе Деаноски.

Од ВМРО-ДПМНЕ го повторија нивното барање да има раст на останатите плати а не само на минималецот, за што вчера тие најавија дека ќе поднесат амандмани на Законот за минимална плата. Со растот од 18 илјади денари минимална плата безмалку ќе се изедначи со платите во многу одговорни и суштински дејности, велат од опозициската партија.

„ВМРО – ДПМНЕ најавува амандманска интервенција на овој закон со цел да не се дозволи урамниловка односно изедначување на платите и демотивација кај вработените кои имаат поголеми работни обврски и сложеност на работните места. Токму затоа како пратеничка група ќе бараме усогласување на Колективните договори со новата минимална плата од 18 илјади денари“, вели Бојан Стојаноски.

Премиерот Димитар Ковачевски вели дека ВМРО-ДПМНЕ претходно биле против зголемување на минималната плата, а станале „за“ кога заедно со социјалните партнери постигнале договор. Откако го постигнавме договорот прво преспаа па после рекоа дека и тие се за зголемувањето на минималецот, рече Ковачевски.

„Во одредени сектори ние веќе имаме зголемување на платите тоа особено се направи во делот на здравството, тоа се направи во делот на негувателите а исто така имавме обид за зголемување на платите во наставниот кадар поднесовме закон во Собранието. Беше дефинирано и платата да расте со коефициент кој што е поврзан со минималната плата. Година дена ВМРО-ДПМНЕ го блокираше тој закон, цела една година и после блокирање на тој закон од цела една година тие сега ќе поднеселе амандмани за усогласување на плати. Па еве нека поднесат амандмани“, порача Димитар Ковачевски.

Измените на Законот за минимална плата со кој минималецот ќе се зголеми на 18.000 денари Владата уште вчера го достави до Собранието, но оттаму нема информации кога тој ќе се најде на дневен ред за расправа. Засега единствен закон за минималната плата е онаа што Левица ја достави и која е на седница за утре на 10 февруари.