По објавувањето на видеото на Телевизија 21, дека во гимназија во Тетово ученици играат игри на среќа на компјутер, во текот на денешниот ден општинскиот инспекторат отишол во средното училиште „8 Септември“, каде што е снимено видеото. Од секторот за образование во општина Тетово велат дека по документирање на случајот ќе преземат и законски мерки.
„По објавувањето на видеото на Телевизија 21, дека во едно од тетовските средни училишта е злоупотребен часот со разни игри на среќа, ние како сектор заедно со општинскиот инспекторат за образование бевме во гимназијата и по целосно расчистување на случајот, прибирање факти за тоа како се случил овој случај и по документирање на случајот ќе бидат преземени законски мерки вклучени со законот за инспекциски надзор во средното образование“, вели Назми Даути.
ТВ21 беше во гимназијата „8 Септември“, но директорката на училиштето Мирјета Иљази одби да зборува пред камера. Таа во писмениот одговор не негира дека случајот се случил на училиште, но покрена сомнеж дали „игрите“ се одвивале на часот, па дури и сомнеж дека случајот може да е исцениран.
„Ние во ИТ кабинетот инсталиравме компјутер и потребна опрема за одржување часови со стандарди кои ги бара времето, но не покер апарати, ниту казина, мислам дека пред објавување на вакви сознанија треба да внимавате каков речник користите, бидејќи е за деца во образовна институција. Учениците можеби играле компјутерска игра, која исто така е забранета, но мислам дека тоа се случило кога професорот по соодветниот предмет поради некоја причина не бил присутен на часот. Ќе преземеме мерки кога ќе имаме целосни и точни податоци. Дали видеото е снимено за време на часот не е потврдено, ниту пак е потврдено дали видеото е реално или изрежирано“, вели Миријета Иљази.
Што всушност се случило ќе треба да потврдат општинскиот инспекторат и просветниот инспекторат, дали тоа што го играат децата биле само видео игри, а не коцкање на интернет и дали се снимале на часови или не.
