Пораките беа јасни, доколку не сакаме да и оставиме простор на Русија, треба да ги изгласаме уставните измени – изјави пратеникот на ДУИ, Арбр Адеми, по средбата со министрите за европски прашања на Германија, Полска и Франција. Додаде дека овие средби требаа да влијаат кај сите политичари со европска ориентација кои сакаат да отворат нови перспективи за граѓаните на нашата земја.
„Нема појасни пораки. Партнерските земји, земјите пријатели, нашите сојузници ни ја прошируваат совеста. Ни велат дека денеска е последниот воз, изгласете ги уставните измени. Нема образложение. Секое прашање може да се покрене, секое прашање може да се дебатира но доколку бидеме и ние како ВМРО-ДПМНЕ и го зборуваме нивниот јазик, со цел да го комплицираме и блокираме интеграцискиот процес, сметам дека тоа не е во интерес на земјата, општеството и граѓаните“, вели Арбр Адеми.
ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата велат ДА на ЕУ, но НЕ на условувањата од страна на Бугарија. Вака рече пратеникот на ДПМНЕ, Антонио Милошевски, по средбата со тројцата министри од Вајмарската тројка. Додаде дека соседните држави на Македонија треба да го земаат за пример Германија и да го поддржат нашето членство без условувања.
Од друга страна со условувања за Уставните измени продолжува и Движење Беса. Фадил Зендели од оваа партија вели дека се единствените кои го покренале прашањето со 20% за албанскиот јазик и на средбите со странските дипломати а истакна дека доколку не се реши тоа прашање, нема да гласаат за уставните измени.
„Ние имавме константен став за ова прашање. За 20% ние ќе инсистираме до крај за да биде прашање на кое ќе се дебатира и одлучува а не само колку да кажеме за јавноста и граѓаните. Движење Беса силно стои на овој став. Сме кажеле и порано и повторно ќе кажеме и сега дека ќе настојуваме прашањето со 20% да се реши во овој момент“, вели Фадил Зендели.
Инаку, ова е тројката на европските дипломати кои дојдоа да ја убедат опозицијата во врска со важноста на гласањето ЗА уставните измени.