54 годишниот Абдуљфета Зеќировски се родил, израснал и работи во Кичево, но нема државјанство на РСМ. Тој е женет 24 години со државјанка на Македонија, а за тоа поседува и извод од матична книга на венчани. Целото семејство има државјанство освен тој.
„Од 1993 имам проблем со институциите. Во полиција доставив документ, не го земаат за да го испратат во Скопје за државјанство. Цело време ми бараат нешто невозможно, ми бараат да барам документи од Србија, а јас немам никаква врска, плус тоа моите браќа, мајка ми, сестрите, сите имаат државјанство. Војска тука служев, во школо сум одел“, посочи Абдуљфета Зекировски.
Тој од 18 годишна возраст се занимава со производство на јажиња, но може да остане без пензија поради документација не можел да плаќа придонеси.
„Работам 30 години, но не можам ни фирма да пријавам ни ништо, а треба да се живее од нешто“, истакна Абдуљфета Зекировски.
Пред неколку дена, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски тврдеше дека има екипа која се занимава со оваа проблематика, прави анализи колку луѓе се, кои се условите и што треба за да се смени законот за полесно добивање државјанство.
Неофицијално во РСМ има илјадници случаи на граѓани на кои им се негира правото на државјанство.