До крајот на март, Владата треба до Собрание да ги достави законите кои предвидуваат реформи во јавната администрација. Секое доцнење ја казнува земјава на евроинтегративниот пат, но министерот за информатичко општество и администрација, вели дека сме на вистински пат.
„Се надеваме на голема поддршка и во Собранието, бидејќи не станува збор за закони со партиска агенда, туку за закони со кои ќе се реформира јавната администрација за доброто на државата. Ние како министерство ги завршивме сите овие закони и домашни задачи поврзани со реформите, но тоа не е процес кој зависи само од нашето министерство“, вели Адмирим Алити.
Но, евроамбасадорот Дејвид Гир, вели дека сѐ уште има големи слабости во системот кои се оценуваат од самиот почеток па сѐ до пристапувањето во ЕУ.
„Има големи слабости во системот, тие слабости се идентификувани во Извештајот за земјата. Ние тесно соработуваме со државната служба за градење на нејзин капацитет. Бидејќи без ефикасна јавна служба нема никаде да стигнеме и затоа е приоритет. Внимателно ги следиме реформите во јавната администрација. Ова е од суштинско значење, бидејќи е поврзано со спроведувањето на реформите, значајната помош што ја даваме и подготовката на земјата да управува со работите како што се структурните фондови“, додава Дејвид Гир.
Инаку, денеска беше претставен проектот на Канцеларијата на Европската комисија во Скопје, со кој Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги треба да се усогласи со директивата на ЕУ. Евроамбасадорот Гир истакна дека Северна Македонија е во многу важна фаза од процесот на приклучување во ЕУ, каде длабинските реформи се многу важни не само поради условеноста, туку и за да се изгради општество кое одговара на потребите на граѓаните.