Актуелниот градоначалник на Кисела Вода и кандидат за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски вечерва во емисијата „Click Plus“ на ТВ21 проговори за подземната сообраќајница под хотелот Лимак.
Во однос на тоа дали има шанси ова да се реализира во неговиот мандат, Ѓорѓиевски истакна дека има и ќе се реализира.
„Првата јавна набавка која што ќе биде распишана, а поврзана со големи проекти е Лимак, има неколку фази, два кружни текови имаме кон Кисела Вода и еден е елипсоиден кружен тек од страната кај Нова Македонија, ќе бидат веднаш штом ќе влезам во Град Скопје отпочнати процеси за распишување на тендерска постапка за реализација на Лимак“, вели Ѓорѓиевски.
Тој додава дека бил во посета на оваа сообраќајница и тоа што е направено под Лимак е навистина за секоја чест.
„Тоа е нешто несвојствено за државата, затоа ми е сериозен предизвик. Јас ќе бидам првиот кој ќе ја изгради првата подземна сообраќајница во Градот Скопје и таму тоа што е изградено од сопствениците на Лимак е пресериозна работа, дури и несвојствено за Скопје, останато е да се доасфалтира. Има 8 ленти, по 3 од страните има за двосмерен сообраќај на автомобилите, и две има за автобуси, и тротоари дополнително“, порача Ѓорѓиевски.
