Одредени поединци се обидоа да влијаат да не се зголеми парламентарното мнозинство со цел да се создаде институционална криза. Вака вчера во Клик Плус изјави првиот вицепремиер, Артан Груби.
Кој влијаеше? Поединци, тие кои се на сенка, кој?
Артан Груби: „И поединци, и тие кои се зад сцената и подземјето. Поединци кои се обидуваа да влијаат кај Алтернатива, кај Алијанса за Албанците, за среќа не успеаја бидејќи имавме стабилен договор, кај пратениците на СДСМ и ДУИ“.
Но, кој е интересот?
„Интересот е да нема мнозинство за гласање на Владата, и бројката парламентарно мнозинство да е под 61 и на тој начин да се создаде институционална криза“, додаде Артан Груби.
Новото парламентарно мнозинство беше изгласано вчера, а според Груби ова ќе биде стабилно мнозинство и упати повик опозицијата да се откаже од деструктивните политики.
„Ќе се формира компактно мнозинство, не парцијално мнозинство со еден, двајца или тројца незадоволни пратеници, туку компактно мнозинство составено од политички партии затоа што е потребна предвидливост и стабилност во Парламентот. Не може да има стабилен Парламент со стабилно мнозинство ако имаме 120 партии“, вели Артан Груби.
Според Груби ова мнозинство ќе го обезбеди и потребното мнозинство за уставните измени, за кои тој е убеден дека се во правилниот пат.