Имаше ли шлаканици во РЕК Осломеј? – Шефот и вработените ги негираат обвинувањата за насилство

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Неодамна во РЕК Осломеј дошло до расправа меѓу работодавачот и работниците. До редакцијата на ТВ21 пристигна порака во која еден од работодавците на термоелектраната се обвинува дека физички, со шлаканици и тупаници нападнал неколкумина работници. Во текстот пишува дека на работниците не им било дозволено случајот да го пријават во полиција.  

„Имено, во комбинатот херојот (Синиша Стојаноски)„Исил” при жестока расправа со вработените во термоелектраната физички нападнал повеќе особи бидејќи колегите што работат на тоа работно место го повишиле тонот при разговор за решавање хитен проблем во термоелектраната за да нема прекин во производството на електрична енергија. Херојот (Синиша Стојаноски) „Исил” физички ја нападнал жртвата (П. Р.) раководител на служба во самата термоелектрана. На “Исил” никој од раководството на комбинатот РЕК Осломеј директорот на ПЕ Термоелектраната, не може никој да му поднесе кривична пријава за физички напад на работно место на вработени. Вработените во комбинатот принудени се да молчат за овој скандал плашејќи се од  (Синиша Стојаноски) „Исил“, се вели во оригиналниот текст од е-маилот кој пристигна до ТВ21.  

Контактиравме со вработените кои во писмото се наведуваат како жртви на случајот, но тие негираа дека дошло до физички контакт.

Потврдија дека настанала само „вообичаена расправа“, како што се случува на секое работно место.

„Имавме вербална дискусија, ништо друго“.

„Вербално беше, не беше некој голем проблем, но помина. Се случи пред два месеца“.

ТВ21 стапи во контакт и со Синиша Стојаноски, но и тој ги негираше овие обвинувања. Рече дека со овој случај се занимаваат надлежните органи и дека станува збор за настан од пред неколку месеци. А од Електрани на Северна Македонија велат дека се запознаени со случајот и дека се преземаат неопходните мерки.

„Меилот е пристигнат во АД ЕСМ, и од страна на Управниот одбор е постапено по истиот. Даден е писмен налог до директорите на РЕК Осломеј да го испитаат случајот и да го известат Управниот одбор за фактичката состојба“, велат од АД Електрани на Северна Македонија“.

Инаку, во пораката што пристигна до ТВ21 пишува дека вакви физички и вербални напади од страна на горенаведеното лице кон вработените во РЕК Осломеј се случувале често.