Мерката на Владата со намалување на ДДВ-то за горивата да спречи нафтениот шок да се прелее врз другите цени е недоволна и задоцнета – предупредуваат експертите. Според нив потенцијалот на оваа нафтена криза да ја зголеми инфлацијата е трипати повисок од оној во 2022 година.
„Многу повеќе мерки од овие што до сега се направени. Бидејќи мое лично мислење е дека овој нафтен шок и оваа криза е многу посилна од онаа што беше во 2022 година, добро ова не може да се спореди со на 73-та, 74-та првиот нафтен шок…“, вели Таки Фити.
Академикот Фити препорачува намалување на акцизите, и вели дека со тоа ќе се постигнеле многу подобри ефекти отколку со намалувањето на ДДВ-то за горивата.
Професорот Ванчо Узунов стравува дека и оние граѓани кои до сега не биле под линијата на сиромаштија, до лето ќе паднат во сиромаштија. Според него, мерки за заштита на најранливите се потребни од итно.
„Мерката има два недостатоци, што ја презема Владата. Прво е недоволна и второ е задоцнета или прво е задоцнета второ е недоволна. Задоцнета е затоа што ние веќе имаме огромно покачување на цената на дериватите, особено на дизелот и тоа веќе има извршено влијание врз покачување на трошоците, на сите стоки и услуги што се продаваат во Македонија. Што значи следи инфлаторен бран, неизбежно“, вели Ванчо Узунов.
За универзитетскиот професор Борче Треновски, целата рамка на макроекономската политика е пред голем предизвик. Треба да се анализираат следните чекори и да се преземат мерки со кои ризикот и загубата по јавните финансии ќе биде најнизок.
„Каква и мерка да преземете некој мора да го плати трошокот. Или ќе го плати државата преку даноците на сите граѓани, или ќе го плати бизнисот преку зголемување на нивните цени односно зголемување на нивните трошоци или ќе го платат граѓаните со намалување на нивниот стандард“, вели Борче Треновски.
Аналитичарите алармираат и дека мора да се штеди на непродуктивни трошења, да се засилат контролите на антимонополската управа и инспекциите. А доколку кризата ескалира и инфлацијата оди нагоре ќе мора и затегнување на монетарната политика и зголемување на основната камата.
