Инфлацијата од 4,5% во октомври ги скара опозицијата и власта

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Власта и опозицијата со меѓусебни обвинувања за инфлацијата која во октомври достигна 4,5%. Опозициската СДСМ со реакција- Македонија на дното по стандардот на живеење, спротивно на уверувањата на власта дека инфлацијата паѓа, таа останува висока и ја јаде куповната моќ на граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ пак со контрареакција – со ова раководство и излитени кадри СДС нема кредибилитет да говори за економски политики. Народот им ја испорача реалноста на избори.

„Власта не прифати ниту еден од конкретните предлози на СДСМ – ниту предлогот за 500 евра минимална плата, ниту укинување на ДДВ за прехранбени производи. И така продолжува – во новиот Буџет за 2026 година не е предвидено зголемување на минималната плата на 500 евра, ниту мерки за намалување на цените. Тоа значи дека цела следна година граѓаните и работниците може да очекуваат уште поскап живот, а Владата нема да преземе ништо“, изјави Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат – доколку граѓаните беа навистина незадоволни од работата на ВМРО-ДПМНЕ, немаше да и дадат толкава и убедлива поддршка на локалните избори.

„Тоа е најјасната порака од народот дека има доверба во политиките кои носат резултати.Како може токму партијата која со години го оштетуваше државниот буџет за лични и партиски интереси, денес да држи прес-конференции за подобар животен стандард и економија.Колку е иронично што СДС зборува за инфлација кога токму во нивно време државата се соочи со двоцифрена инфлација и економска нестабилност“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Статистика соопшти дека годишната инфлација во октомври е 4,5 %. Ако се споредат десетте месеци од годинава со истиот период лани, инфлацијата изнесува 4,1 %. Голем раст има кај цените на храната и безалкохолните пијалаци, за 7 %.