Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на самиот старт на новата година, упати писмо до министерките за надворешни работи на Бугарија и Албанија, Екатерина Захариева и Олта Џачка, преку кое упати предлог за нова, мултидисциплинарна иницијатива, политичка платформа преку која би се интензивирала и продлабочила меѓусебната соработка, како стратешки интерес за трите држави.
„На основите на нашата интенција за забрзување на инфраструктурните, енергетските и комуникациските инвестициски проекти долж Коридорот осум, да изградиме политичка платформа која ќе претставува дополнителен форум за унапредување на меѓусебната соработка, интензивирање на политичката, економската, безбедносната, културната и општествената размена, што секако ќе резултира и со зајакнување на довербата меѓу нашите народи, како основен столб во изградбата на взаемното долгорочно пријателство“ пишува во писмото на Османи до Захариева и Џачка.
Основна цел на „Иницијативата 8“ и нејзин темел ќе претставува трилатералната координација и соработка за поддршка на инвестициските проекти долж Коридорот осум. Отстранување на причините за постојаното одложување на овие проекти ќе претставува позитивен импулс за дополнителна политичка, економска, безбедносната, културна и општествена соработка меѓу трите земји; ќе има соодветен придонес и во унапредувањето на севкупната соработка и зајакнување на безбедноста во регионот, а ќе има особено влијание и врз заедничката цел за европските перспективи на целиот регион.
„Ова, секако ќе резултира и со зајакнување на довербата меѓу нашите народи, како основен столб во изградбата на взаемното долгорочно пријателство. Како предводници на дипломатиите во трите држави на Балканот, членки на НАТО, преку кои се поврзува Јадранското со Црното море, како претставници на земјите кои го поврзуваат истокот со западот на Балканот, сметам дека имаме обврска да ги премостиме географските, историските и политичките бариери кои го отежнуваат поврзувањето и ја обременуваат подлабоката соработка“, нагласува Османи во писмото.
Во продолжение интегрално го пренесуваме писмото:
Почитувани колеги,
Драга Екатерина, Драга Олта
Дозволете ми најпрво да Ви ги честитам празниците, со желби за добро здравје и многу успех во Новата 2021 година. Без разлика на предизвиците кои ни ги донесе старата, новата година означува и нов почеток, нова надеж дека пред нас сепак стојат успеси, прогрес и напредок.
Затоа и верувам дека е ова убава прилика да Ви се обратам со предлог за една нова, мултидисциплинарна иницијатива, политичка платформа преку која би ја интензивирале и продлабочиле меѓусебната соработка, како стратешки интерес и за нашите држави, но и за целиот регион.
Поаѓајќи од заеднички интерес за поголема регионална соработка, од потребата за подлабока политичка соработка, како и од потребата за зајакнување на инфраструктурната поврзаност меѓу нашите земји, Ве поканувам заеднички да формираме политичка платформа меѓу Република Северна Македонија, Република Албанија и Република Бугарија, наречена ,,ИНИЦИЈАТИВА 8“. На основите на нашата интенција за забрзување на инфраструктурните, енергетските и комуникациските инвестициски проекти долж Коридорот осум, да изградиме политичка платформа која ќе претставува дополнителен форум за унапредување на меѓусебната соработка, интензивирање на политичката,економската, безбедносната,културната и општествената размена, што секако ќе резултира и со зајакнување на довербата меѓу нашите народи, како основен столб во изградбата на взаемното долгорочно пријателство.
Како предводници на дипломатиите во трите држави на Балканот членки на НАТО, преку кои се поврзува Јадранското со Црното море, како претставници на земјите кои го поврзуваат истокот со западот на Балканот, сметам дека имаме обврска да ги премостиме географските, историските и политичките бариери кои го отежнуваат поврзувањето и ја обременуваат подлабоката соработка.
Основна цел на Иницијативата 8 и нејзин темел претставува трилатералната координација и соработка за поддршка на инвестициските проекти долж Коридорот 8. Отстранувањето на причините за постојаното одложување на овие проекти ќе биде позитивен импулс за дополнителна економска, политичка, културна и општествена соработка меѓу нашите земји; ќе има соодветен придонес и во унапредувањето на севкупната соработка и зајакнување на безбедноста во регионот; ќе има особено влијание и врз нашата заедничка цел за европските перспективи на целиот регион.
Успехот на Иницијатива 8 ќе значи приближување и на европските фондови и финансиски институции во финансирање на големите инфраструктурни проекти; ќе предизвика зголемување на трговската размена како и засилување на економската соработка и инвестициите; ќе обезбеди промоција на културната соработка и зајакнување на регионалниот туризам.
Убеден сум дека засилувањето на практичната соработка, забрзувањето на имплементацијата на проектите, како и очекуваните резултати, ќе придонесат за дополнително зближување и олеснување на комуникација на нашите земји и народи, како и унапредување на стандардот на живеење на граѓаните. Тоа ќе претставува и значаен исчекор и во насока на суштинска интеграција на регионот на Западен Балкан во Европската унија, а напредокот на проектот ќе влијае и врз развојот на добрососедските односи и зацврстувањето на пријателството меѓу нашите земји и народи.
Во очекување на конкретната реализација на иницијативата и нашите идни средби.
Со почит,
Бујар Османи
Н.Е: г-ѓа Екатерина Захариева
Заменик претседател на Влада и
Министер за надворешни работи на Република Бугарија
Н.Е. г-ѓаОлта Џачка
Министер за европа и надворешни работи на Република Албанија
