Инспекторатот на МОН влезе во ТУ – се испитуваат научните трудови на медицинскиот факултет

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Државниот инспекторат за образование во текот на денешниот ден започнал со вонредни контроли на медицинскиот факултет на Државниот универзитет во Тетово. Ваквата контрола доаѓа по објавените информации дека дел од научните трудови се плагијат. ТВ21 контактираше и со Инспекторатот на министерството за образование од каде потврдија дека влегле во универзитетот и дека во следниве денови детално ќе ги разгледаат сите досиеја на професорите како и научните трудови.

„Во контролата се разгледуваат сите научни титули добиени од професорите и предавачите и заедно со нив ќе се разгледаат и досиејата на нивните ментори и составот на комисиите. Во оваа контрола не е одреден бројот на професори кои ќе се проверуваат, туку контролата ќе се направи за сите кои предаваат таму и добиле научни титули“, велат од Државниот инспекторат на МОН.

Од инспекторатот велат дека контролата може да трае и неколку дена и дека во направената пријава не се наведени имињата на професорите кои се осомничени за плагијат.

Во текот на денешниот ден контактиравме и со канцеларијата за информации при Тетовскиот универзитет. Од таму ни рекоа дека по извршената контрола и откако ќе излезе инспекторатот со заклучок, тогаш ќе се произнесат.

Пред неколку дена весникот „Веритас“ излезе со истражување каде се обвинуваат неколку професори од Тетовскиот универзитет, поточно на медицинскиот факултет дека нивните научни трудови се плагијат. Универзитетот реагираше и ги бранеше професорите велејќи дека истражувачката дејност се реализира согласно научните критериуми. Студентите обвинуваат дека одреден број на професори ги обврзале да ги купат нивните книги.