Сомнежите и жалбите на жителите на Средно Коњари во Скопје, дека една дадена парцела за земјоделски цели се користи за копање и експлоатација на песок, беа причина министерот за земјоделство Арјанит Хоџа и инспекторатот за земјоделство да излезат на вонредна инспекција.
Но немаше потреба за некој поголем увид за да се види дека земјиштето не се обработува.
Доколку инспекторатот официјално на писмено констатира дека земјиштето не се користи за земјоделие и дека концесионерот ископува песок, Хоџа рече дека договорот со Министерството за земјоделство ќе биде раскинат еднострано.
„Доколку добиената концесија од Министерството за економија влегла во територија на земјоделско земјиште, односно ја пречекорил територијата која ја има согласно концесијата, тогаш секако дека и Министерството за економија ќе постапи согласно инспекторатите и нивните проценки.“, вели Арјанит Хоџа.
По завршувањето на увидот, Хоџа требаше да се претстави пред некого кој прашуваше кој влегол на неговиот имот.
Се разделија откако концесионерот беше информиран зошто се врши инспекција на неговиот имот. Ќазим Османовиќ е сопственик на “Прогрес компани“ која ископува песок во оваа зона 30 км од главниот град.
Жителите на Коњаре веќе подолго време протестираат поради ископувањата на ова место, тврдејќи дека се оштетени од работата на компанијата, но Османовиќ вели дека протестите се организираат од завист.
Секретарот на месната заедница на Коњари, Азем Ќерими тврди дека Османовиќ е сопственик и на земјоделското земјиште. Негодувањата за работите во врска со експлоатацијата вели дека не се должат на завист.
„Не му тераме инает никому. Што се однесува нека стане милионер, но не на наш грб.“, вели Ќерими.
Освен оштетувањата на нивите, тврди дека ископот околу реката Пчиња ги оставил без вода што ја црпат од земја.
„Ние имавме вода тука на 4 до 3 метри, сега оди до 10 и 14 метри, ставивме цевки таму доле бидејќи останавме без вода .Немаме вода за пиење.“, рече Ќерими.
Концесиите за ископ и експлоатација ги издава Министерството за економија. Жителите се надеваат на овој ресор, но до сега ништо не се променило. Во одговор за ТВ21 од министерството велат дека на последната средба со жителите се договориле да достават дополнителни документи како аргументи во нивна корист со цел министерството да може да побара од службите подетален инспекциски надзор. Издадената концесија е предвидено да заврши во 2041.
