Интерпелацијата што Левица ја поднесе за работата на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ја темелиме на 10 основи од кои 5 се незаконско постапување поврзани со трагедијата во Кочани. Најголемата забелешка во образложението што Сашко Јанчев го даде за интерпелацијата, е селективноста и затоа што Тошковски не ни помислил да си даде оставка од морални причини.
-МВР има и дополнителни ингеренции за дискотеки и кабареа и тоа проверка на работно време, проверка на гласност и бучава, проверка на присуство на малолетници после полноќ, проверка на точење на алкохол и употреба на наркотични супстанци. Ништо од ова не е завршено, изјави Сашко Јанчев од Левица.
Тошковски ги отфрли обвинувањата и рече дека наспроти случаите на модуларната болница, Ласкарци и Беса Транс тука се спроведува доследна истрага, има осомничени лица меѓу кои и актуелни функционери. За употребата на пиротехника во дискотеката не е добиена дозвола, рече тој рече Тошковски.
-Од самиот почеток Министерството за внатрешни работи постапуваше по насока и во координација со Јавното обвинителство, односно полицијата ниту селектираше, ниту одредуваше кој ќе биде опфатен, ниту водеше истрага по сопствена волја, изјави Панче Тошковски, министер за внатрешни работи.
Со критики кон министерот се приклучија и опозициските СДСМ и Европски фронт кои повикаа за интерпелација на Тошковски.
-Моето прашање е ако системот е гнил кој дозволи да изгние и ако не сте во состојба да го промените нели оставката би била одговорна постапка? – рече Арбана Пашоли од ЕФ.
-Во овие 15 месеци Министерството за внатрешни работи го претворивте во комплетно нефункционално министерство, министерство со најголем број скандали, каде што преовладуваат селективноста, неказнивоста и комплетно е нарушена безбедноста на граѓаните, изјави Миле Талески од СДСМ.
Од владејачкото мнозинство застанаа во одбрана на Тошковски од каде велат дека оваа интерпелација е исклучиво поднесено само за политички бенефит. Инаку, Борислав Крмов од Левица побара еден час пауза за, како што рече, да се отворат портите и да се пуштат роднините на загинатите кои протестираа пред Собранието. На ова претседателот на Собранието Африм Гаши оцени дека со ова се манипулира со јавноста бидејќи има правила како можат да присуствуваат граѓани да ја следат седницата.
