Интервју на ТВ21 на 10.000 метри висина со МНР Османи: Се враќам во Скопје да реферирам пред собраниската Комисија за да завршат протестите од опозицијата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ТВ21 направи интервју на 10 илјади метри висина со министерот за надворешни работи, Бујар Османи на враќањето од Братислава.

Османи кажа дека и покрај збиената агенда, сепак, ќе се врати во Скопје да реферира на Комисијата за надворешни работи.

„Бев повикан од претседателот на Комисијата за надворешни работи, господинот Милошовки, дека тие нема да престанат со протестите пред министерството за надворешни работи доколку јас не се појавам на расправата на Комисијата за надворешни работи. Се обидов да најдам простор деновиве, како гледате требаше од Братислава за Анталија, па утре изутрина треба да одам во Софија, па потоа повторно да се вратиме во Анталија, така да мораше да се одложи за идната недела, сакајќи да се заврши оваа блокада на улиците која ги ограничува и им смета на граѓаните. Се решив сепак да се вратам во Скопје и да реферирам пред комисијата, се надевам дека ќе има разбирање за овој наш гест за да бидеме транспарентни спрема пратениците, но на еден начин и да ги информирам нив и за патот во Софија каде можеби ќе ги имаме последните разговори и обиди за деблокирање на процесите во Јуни, се надевам дека потоа тие ќе имаат разбирање и ќе ги деблокираат процесите кои ги имаат блокирано со амбасадорите.“, рече Османи.

Министерот за надворешни работи рече дека нема никакви тајни преговори, и кажа дека ќе се обиде да биде што поотворен.

„Овие не се тајни преговори туку се дипломатски разговори, а дипломатските разговори не се прават пред камерите затоа што доколку немате претходно еден договор дека ова би можело да биде решение инволвирање на јавноста за разликите кои постојат може само да го одмогнат процесот. Ова е стандардна практика, каде дипломатските преговори во првата фаза да бидат надвор од очите на јавноста. Спротивно на ова јас денеска ќе се обидам да бидам што по отворен, сепак во рамките на таа дискреција која е потребна и неопходна за една дипломатска мисија да успее. Доколку се постигне договор, секако дека ние пред да го прифатиме ќе ја информираме опозицијата или доколку немаме договор, исто така ќе ја информираме опозицијата. Сега имаме потреба од создавање на доверба помеѓу двете страни.“, вели Османи.