Интервју со Александар Васоски за Мундијалот: Германија не смееше да си дозволи елиминација од Парагвај, Роналдо не треба вака да се однесува

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Светското првенство стигна до осминафиналната фаза во која ќе ја нема селекцијата на Германија, кога секогаш се вбројува меѓу фаворитите за висок пласман. Изненадување беше елиминацијата на четирикратниот светски првак од Парагвај во 1/16 финалето. Така смета и тренерот Александар Васоски, нашиот соговорник кој го анализира досегашниот тек на Мундијалот.

Во својата играчка кариера Васоски играше токму во Германија, го познава нивниот менталитет, и смета дека оваа селекција не смеела да си дозволи елиминација од Парагвај. Меѓутоа, според Васоски, ова е последица на неколку години наназад, а не само од сега. Со него разговаравме и за тоа кој очекува да стигне далеку до ова Светско првенство, како и за инвидуалните квалитети на играчите. Актуелниот тренер на Силекс смета дека односот на Роналдо и штети на Португалија на ова Светско првенство.

Дали според вас Светското првенство минува според очекувањата?

-Освен елиминацијата на Германија, другото сметам дека е очекувано. Аргентина, Англија, Бразил, Франција, Португалија, Шпанија… сите тие селекции кои се фаворити одат напред и ги очекувам во завршницата. Холандија наиде на силен противник во името на Мароко, за која мислам дека е селекција која во последните години игра во голема форма и игра одличен фудбал, а дека ќе биде сериозен предизвик за секого, покажа на овој Мундијал. Очекував повеќе од некои селекции како Чешка, можеби и Шкотска, но тие веќе не се Светското првенство, испаднаа уште во групите. Ми се допаѓа што има одлична атмосфера, што стадионите се полни и што има се игра отворен фудбал.

Вие долго време игравте во Германија, како таму ја гледаат елиминацијата на оваа селекција од Мундијалот?

-Секако дека за Германија ова е неуспех. Но, овој неуспех е последица на многу минати години наназад. Ако погледнете и на последните два Мундијали, испаднаа во групите. Тоа не е случајно. Ги читав медиумите таму, и секако дека за нив ова е катсатрофа. Можеби не може да се носи со Франција, Шпанија, Англија во моментов, но Германија не смееше никако да си дозволи да загуби од Парагвај. Но, Германија во последната деценија нема лидер, нема топ играч кој игра во топ лигите во Светот. Ако во минатото нивните играчи беа носители на игра во Реал како што беа Крос и Кедира, потоа во Арсенал Озил, топ напаѓач во името на Клосе, сега играчи им играат во Штутгарт и во Мајнц. Не би сакал никого да потценам, но не може да се спореди Реал и Арсенал со некои клубови во Германија кои се на средината на табелата.

Има и селекторска смена во оваа селекција, дали тоа може да ги смени работите?

-Според мене не е проблем селекторот, туку играчите, генерацијата. Ханс Флик беше селектор, па селекцијата не можеше да ја помине групата. А, Флик погледнете сега што прави со Барселона. Човекот двапати по ред е шампион на Шпанија, и тоа пред Реал Мадрид. Иако Нагелсман е млад тренер, сепак, тој е добар тренер. Како што реков, сметам дека играчкиот кадар е проблемот, и тоа што немаат лидер, а очекувам овој пад да биде уште поголем, затоа што не гледам некој кој може да го смени Нојер, нема замена за Крос, напаѓач како Клосе во блиска иднина. За разлика од нив, други селекции имаат дури и два ростера. Шпанија, Франција, па и Аргентина, Англија имаат два тима на овој Мундијал. Кого и да ставиш, нема да погрешиш.

Кој според вас има најголеми шанси да го освои Мундијалот?

-Па тука се Франција, Аргентина, Англија, Бразил… Французите имаат страшен напад, одличен среден ред и одлична одбрана. Со каква леснотија само играат на ова Светско првенство. Само да не потценат некој противник, во спротивно ги гледам нив во финале. Евентуално можеби да имаат проблеми со Шпанија. Од другата страна на костурот ќе биде интересно. Англија, Бразил, Аргентина… Тоа се селекциите кои очекувам да стигнат далеку, и покрај тоа што од Аргентина, да бидам искрен, очекував повеќе. Игра некако неубедливо досега. Бразил можеби не игра според очекувањата, но тоа е селекција која секогаш треба да се вброи меѓу фаворитите. Очекувам неизвесно првенство, а според мене Франција ќе игра финале, а на другата страна најсериозен кандидат е Аргентина, со напомена дека ќе мора да ја подобрат играта, затоа што не покажаа ништо со Зеленортските острови. Би сакал полуфинале да играат Аргентина и Бразил. Тоа би било спектакл.

Кога сме кај индивидуалците, кој очекуваш да биде најдобар играч и најдобар стрелец?

-Лионел Меси едноставно си ја тера својата игра. Би сакал да видам како ќе игра против некоја силна селекција како Бразил или Англија. Очекувам тој да биде најдобар стрелец, а и најдобар играч. Тука се и Мбапе, Кејн стандарно добар, Олисе е страшен играч за Франција, заедно со Дембеле го сочинуваат одличниот напад на Франција. Тоа се играчите кои доминираат и кои очекувам да стигнат далеку. Ме разочарува Кристијано Роналдо, односно како се однесува кога ќе биде заменет. Како да не игра за тимот, туку за себе. Не може така да се однесува играч кога ќе биде заменет. Одличен фудбалер, но сметам дека во моментов е подобро за него и за Португалија да биде на клупата, и да влегува повремено ако има потреба.

Горан Бошев