Инцидент ги вознемири жителите на Кичево, 28-годишник влезе во гимназија и нападна ученици и вработени

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во средата попладне, несекојдневен инцидент ги вознемири жителите на Кичево.

28-годишниот Е.З. насилно влегол во зградата каде што се наоѓаат гимназиите „Мирко Милески“ и „Дрита“, туркајќи ученици и вработени кои се нашле на патот.

За среќа, никој не е повреден – потврди директорот на гимназијата.

„Родителот на лицето е вработен во гимназијата како чувар и лицето неколку пати се сретнало со својот родител. По инцидентот што го имавме, контактирав со родителите за да добијам попрецизни информации зошто се случи тоа. Родителот ми кажа дека ден претходно имале семејно несогласување, додека причините не ми ги објасниле, а цел на нападот не биле училиштето, учениците или вработените, туку мета за напад бил родителот на агресорот.“, вели Фестим Ахмети, директор на СОУ „Дрита“.

Во тој момент училишниот чувар бил на одмор, вели директорот на СОУ „Мирко Милески“, Драган Силјановски. Прстот го вперува во казнените институции, бидејќи напаѓачот има полициско досие.

И градоначалникот на Кичево, Фатмир Дехари, вината ја префрли кон системот.

„Мислам дека тоа што бил познат на органите на МВР, бил пријавен од мајка му претходниот ден и оставен слободно да дејствува и доаѓа во ваква ситуација зборува за негрижата на органите на МВР, но за среќа последиците се минимални бидејќи можеле да бидат фатални.“, рече Дехари.

Во соопштението на МВР се наведува дека агресорот тргнал од училиштата и продолжил по патот кон кичевската болница, каде што бил уапсен од полицијата.

„На улица „29 Ноември“ во Кичево, тој со закана со остар предмет сопрел такси возило и се заканувал на возачот, по што во две средни училишта агресивно се однесувал и физички нападнал неколку ученици и вработени, физички нападнал и случаен минувач на Градскиот кеј на реката Сушица и вработен како обезбедување во Медицинскиот центар во Кичево, на кого му нанел повреда со остриот предмет.“, стои во извештајот на МВР.

Во кичевската Итна помош нема пријавени физички повреди кај лицата кои се соочиле со 28-годишниот.

„Во средата имавме пријава од кичевската гимназија за повредено девојче, но кога пристигна екипата на Итна помош, утврдија дека нема физички повреди туку трауматски стрес, а продолживме да имаме уште два повици кои исто така беа од средношколци, но за среќа беа акутен трауматски стрес.“, изјави Генц Арслани, директор на здравствен дом Кичево.

На 28-годишникот му е изречена мерка притвор од 8 дена и моментално се наоѓа во битолскиот затвор.