Инцидент на пратенички прашања – Стојановска: Нека ве снимаат како праќате бакнежи, лигав еден

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Жестока реакција на заменик координаторката на ВМРО-ДПМНЕ Дафина Стојановска на пратеничките прашања. Го обвини вицепремиерот за европски прашања дека и праќал бакнежи и и намигнувал додека зборуваше, иако за тоа собраниските камери не пренесоа.

„Вие да молчите, евро, вицепремиер за европски прашања да молчите, затоа што сте најјак од седиште. На микрофон да излезете и да го зборувате тоа што го зборувате позади микрофон. Како не ви е срам, како не ви е срам нека ве снимат камери, вицепремиер за европски прашања. Ужас, ужас сте. Затоа….нека ве сликаат како праќате бакнежи, лигав еден….“, вели Дафина Стојановска.

Ваквата реакција следи по поставувањето на пратеничките прашања на Петар Ристески кој најпрво бараше одговори за скандалот со Клиниката за онкологија.

„Според информации во јавноста онколошки пациенти кои починале и понатаму се водат на листата за лечење. За оние пак кои се лечат се уште нема дел од потребната терапија. Ова секако остава сомнеж дека терапијата се препишува на овие веќе починати лица и истата терапија потоа се препродава на црниот пазар во Македонија и во странство. Кому се му биле издавани цитостатици дали странски државјани биле лекувани со цитостатици на сметка на Фондот за здравство“, вели Петар Ристески

Заменик министерката за здравство Маја Манолева рече дека истрагата за овој случај е во тек и дека ќе има одговорност.

„Постапката околу случајот за Онкологија не е завршена и согласно тоа не може да даваме квалификации дека никој за ова нема да одговара. Во секојдневната комуникација е  Министерството за здравство и Клиниката за онкологија соодветно соработуваат и ги доставуваат сите потребни податоци на Министерството за внатрешни работи и на Јавното обвинителство што се побарани од нас“, вели Маја Манолева.

Ристески постави пратенички прашања и до министерката за труд и социјала Јована Тренчевска за барањата на пензионерите за линеарно покачување на пензиите за 3.500 денари, а не за 6 проценти, како и до министрката за екологија Каја Шукова  за најновото истражување на Гардијан дека Македонија е на врвот на најзагадените земји во Европа.