Клиничката болница во Битола започна обемен процес на модернизација, во рамки на кој од 2024 до 2026 година е набавена современа медицинска опрема вредна над 30,4 милиони денари. Со ова се заменуваат апарати кои биле во употреба повеќе од две децении, а дел од нив веќе не можеле ниту да се сервисираат.
Една од најзначајните набавки е новиот дигестор за Одделението за патологија, кој го заменува апаратот стар околу 55 години, поставен уште при основањето на болницата.
Во рамките на инвестицијата, болницата доби нов електричен борер за ортопедија, апарат за операција на катаракта со фако-метода и ехо-апарат за Очното одделение. За Одделението за урологија е обезбеден сет за монополарна ресекција, додека Интерното одделение е опремено со нов колоноскоп и гастроскоп.
Дополнително, набавени се апарат за оптичка кохерентна томографија (ОКТ), DEXA-апарат за Одделението за физикална медицина и рехабилитација, како и робот и современо софтверско решение поврзано со ПАКС-системот. Со ова значително се подобруваат можностите за дијагностика и изведување медицински интервенции во повеќе одделенија.
Во тек е и постапка за набавка на опрема за ехо-водена биопсија на простата. По нејзиното ставање во функција, оваа дијагностичка метода за првпат ќе биде достапна во Клиничката болница Битола, што ќе овозможи пациентите од Пелагонискиот регион побрзо и попрецизно да добиваат дијагноза без потреба од упатување во други здравствени установи.
Покрај техничката модернизација, болницата го зајакна и својот човечки потенцијал. Од јули 2024 година досега реализирани се 61 вработување на неопределено време, со што се подобруваат кадровските капацитети и условите за работа.
Од раководството истакнуваат дека овие инвестиции претставуваат значаен чекор кон модернизација на здравствените услуги и обезбедување поквалитетна, побезбедна и подостапна здравствена заштита за граѓаните од Битола и поширокиот регион.
