Новоназначениот врховен лидер на Иран, Моџтаба Хамнеи, е жив и во добра здравствена состојба, и покрај повредите кои ги здоби во воените дејства, потврди денеска Јусеф Пезешкијан, советник во Владата и син на иранскиот претседател.
„Слушнав вести дека Моџтаба Хамнеи е ранет. Прашав неколку пријатели кои се поврзани со него. Ми рекоа дека, фала му на Бога, тој е жив и здрав“, напиша Пезешкијан на платформата Телеграм.
Иранската државна телевизија го опиша Хамнеи како „ранет ветеран од рамазанската војна“, без да прецизира какви повреди претрпел, пренесува „Гардијан“.
Повиците за информации за неговата здравствена состојба и локацијата се појавија бидејќи Моџтаба Хамнеи не се појавува во јавноста откако пред три дена го наследи својот покоен татко, ајатолахот Али Хамнеи, на функцијата врховен лидер.
„Њујорк тајмс“ објави дека Хамнеи бил ранет на првиот ден од американските и израелските напади врз Иран, повикувајќи се на тројца ирански и двајца израелски функционери кои сакале да останат анонимни.
Сè уште не се познати деталите за видот и обемот на повредите, ниту пак точната локација каде се наоѓа Хамнеи, но информациите од блиските извори ја потврдуваат неговата безбедност.
