Иранскиот претседател до американскиот народ: Ние никогаш не сме започнале војна

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Иранскиот претседател Масуд Песекијан го отфрли прикажувањето на неговата земја како закана за безбедноста, велејќи дека тоа не е во согласност со историската реалност.

Тој ги искажа своите ставови во писмо до Американците, кое го пренесе иранската државна телевизија Прес ТВ, објави Ал Џезира.

„Иран, по самото име, карактер и идентитет, е една од најстарите континуирани цивилизации во човечката историја“, напиша Песекијан. „Во својата модерна историја, Иран никогаш не го избрал патот на агресија, експанзионизам, колонијализам или доминација. Иран никогаш не започнал војна, туку решително и храбро се бранел од оние што го нападнале.“

Обвинувања за странски интереси

Песекијан тврди дека прикажувањето на Иран како закана им служи само на надворешните интереси на моќните.

„Прикажувањето на Иран како закана не е во согласност ниту со историската реалност, ниту со денешните видливи факти. Таквата перцепција е производ на политичките и економските каприци на моќните – потребата да се создаде непријател со цел да се оправда притисокот, да се одржи воената доминација, да се поддржи индустријата за оружје и да се контролираат стратешките пазари“, се наведува во писмото на иранскиот претседател.