Пожарот во ноќниот клуб „Пулс“ во Кочани на 16 март 2025 година, во кој загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени, ја потресе Македонија и отвори сериозни прашања за институционалната одговорност и системските пропусти. Покрај официјалната истрага, дополнителни детали за случајот објави и Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ).
Според ИРЛ, документарниот филм „Кочани – Нашиот морален компромис“ открива злоупотреба на службената положба, поткуп и пропусти во гонењето на лица кои му овозможиле на клубот „Пулс“ со години да функционира нелегално.
Во првичното обвинение биле опфатени 35 лица и три фирми, но, како што наведува ИРЛ, двајца даночни инспектори не биле гонети иако обвинителството располагало со докази против нив. Според истражувањето, тие им дојавувале на сопствениците на клубот за претстојни контроли и за возврат добивале скапи подароци. Еден од нив е Драган Паунов – Дацо, брат на в.д. претседателката на Кривичниот суд Даниела Димовска. По објавувањето на истражувањето, двајцата инспектори биле уапсени, а под истрага се нашле уште девет службени лица.
Во второто истражување, ИРЛ отвори и сомнежи за официјалните причини за смртта на жртвите. Според официјалната верзија, тие починале од задушување со јаглерод моноксид. Но, како што наведува ИРЛ, обдукциските извештаи покажале дека кај жртвите не биле утврдени фатални нивоа на овој гас. Наместо тоа, доказите укажуваат дека во пожарот горел полиуретански сунѓер кој ослободува цијанид – исклучително токсичен гас, но присуството на цијанид во крвта на жртвите не било испитано во рамки на истрагата.
Истражувањето на ИРЛ откри и дека во Кочани постоел Локален совет за превенција, во кој членувале претставници од институциите – градоначалници, судии, полиција, пратеници и обвинители – со задача да детектираат безбедносни ризици. Сепак, дел од членовите изјавиле дека не знаеле дека се дел од советот, додека други оцениле дека тој функционирал само формално. Меѓу членовите бил и обвинителот Борче Јанев, кој подоцна го потпиша обвинителниот акт за случајот.
По трагедијата, ИРЛ повика на итна собраниска надзорна расправа за утврдување на одговорноста. На повикот одговориле над 5.000 граѓани кои испратиле електронски пораки до пратениците од изборната единица каде се случи трагедијата. Шест месеци подоцна беше формирана собраниска анкетна комисија за системските пропусти поврзани со трагедиите во Кочани, пожарот во модуларната болница во Тетово и автобуските несреќи, но таа, како што наведува ИРЛ, досега не одржала ниту една седница.
Извор: ИРЛ
