Исчистени само неколку контејнери – Скопје сè уште прекриено со ѓубре

НАЈНОВИ ВЕСТИ

И натаму хаос со ѓубрето по улиците и тротоарите. Веќе неколку дена Скопје се наоѓа во ваква состојба.

Во близина на исчистените контејнери се гледаат и фрлени автомобилски гуми.

-Местото овде на улицата „Џон Кенеди“ спроти училиштето „Васил Главинов“ е исчистено, каде што пред неколку дена известивме дека граѓаните не можеа да поминат од ѓубрето, но на неколку други локации сè уште не е исчистено, вели репортерката на ТВ21, Фазиле Халили.

Освен тоа, вчера во неколку делови од Скопје се појавија стаорци со големина на мачка поточно, во близина на зградата на Владата.
Епидемиологот Драган Даниловски на Фејсбук напиша дека ѓубрето веќе не е естетско прашање, туку се загрозува јавното здравје.

-Купиштата ѓубре создадоа идеални услови за развој и размножување на глувци и стаорци – познати преносители на сериозни заразни болести: лептоспироза, хантавирус, па дури и бубонска чума, вели Драган Даниловски, епидемиолог.

Од ЈП „Комунална хигиена“ информираат дека вчера биле собрани вкупно 350 тони комунален отпад.

-Во текот на вчерашниот ден и минатата ноќ, ЈП „Комунална хигиена – Скопје“ спроведе активности за собирање и транспорт на комуналниот отпад од контејнерите поставени на булеварот „Гоце Делчев“ до хотел „ВИП“, булеварите „Партизански одреди“ и „Митрополит Теодосиј Гологанов“, улиците „Даме Груев“ и „Џон Кенеди“, како и на повеќе локации во општина Аеродром, велат од ЈП „Комунална хигиена – Скопје“.

Сепак, од ова јавно претпријатие нагласуваат дека сè уште немаат добиено одговор од градоначалниците на општините каде се депонира отпадот од наводното, како што велат, собирање на комуналниот отпад во нивние општини.