Иселениците заминуваат, Кичево се празни! Продавачите велат дека од година во година доаѓаат сè помалку иселеници

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Еден месец Кичево беше полно со живот. Луѓе имаше на секој агол од градот. Така беше до пред неколку дена, додека иселениците беа на одмор во родниот крај.

Со нивното заминување, во градот повторно се врати вообичаената тишина.

Тоа особено се забележува на градскиот зелен пазар. Продавачите велат дека иселениците се еден од главните двигатели на економијата во општината.

„Летото, додека беа тука иселениците, односно печалбарите, како што ние ги нарекуваме, беше многу добро. Сега почна малку послабо, но се издржува. Иселениците се моторот на оваа држава и на оваа општина.“

„Имаше туристи ова лето, но послабо, многу послабо од минатата година. Секоја година доаѓаат во сè помал број. Трошоците им се големи, а велат дека не можат ни работи да внесат преку граница, и тоа е проблемот.“

Дел од продавачите сметаат дека од година во година се намалува бројот на иселеници кои се враќаат во родниот крај. Оние кои доаѓаат, најголем дел од времето го поминуваат на свадби, а за храна и други потреби почесто се одлучуваат за ресторани, наместо за пазарот.

„Пазарот беше слаб. Повеќе одат на свадби, тука купуваат само по некои ситници. Повеќе одат во ресторани. Слабо беше, не е како порано.“

„Има по некое движење, но не е како порано. И иселениците дојдоа во помал број, а и со парите се послаби. Ги потрошиле парите, им е потесен џебот. Одaт по свадби, јадат, не купуваат пиперки за да си го извалкаат станот, туку нарачуваат пици и слични работи.“

„Немаше многу иселеници. Луѓето се иселуваат, па така и пазарот изумира. Ништо не е обновено. Овој пазар веќе 50-60 години е ист, ништо не е променето. Сè оди од лошо кон полошо.“

На зелениот пазар во Кичево повеќе од 50 години не се инвестирало, велат продавачите. Бројот на продавачи е намален, а опаѓа и интересот на граѓаните за посета на пазарот.

Според нив, конкуренција се и маркетите, кои денес нудат широк избор на свежо овошје и зеленчук. Сите овие фактори, велат продавачите, придонесуваат пазарот сè потешко да опстојува.