Истрага за Мухамед Зекири и уште две лица – се бара притвор

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против генералниот секретар на Владата, Мухамед Зекири и уште двајца хрватски државјани.

Според опишаните дејствија во наредбата, постои основано сомнение дека првоосомничениот Зекири во својство на службено лице сторил кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.5 в.в. ст.3 в.в. ст.1 од КЗ на РМ, за што му помогнале останатите двајца осомничени.

Во периодот од месец април 2021 година до месец јануари 2022 година, со искористување на својата службена положба првоосомничениот без спроведување на соодветна постапка за јавна набавка, склучил договор за консултантски услуги со правно лице во што со умисла му помогнале осомничените хрватски државјани. Со преземените дејствија осомничените за правното лице прибавиле значителна противправна имотна корист во вкупна вредност од 57.932.100,00 денари, а на штета на Буџетот на Р.Северна Македонија. Износ што бил поголем од 795.000 евра, односно од договорениот износ за вршење на консултантските услуги.

ОЈО ќе поднесе и предлог за определување на мерка притвор за тројцата осомничени, ценејќи дека постои реална опасност осомничените да се дадат во бегство.