Италија е црна дамка во Европа кога станува збор за фрлање храна, бидејќи во таа земја секоја недела се фрла повеќе од половина килограм храна по лице, објавуваат италијанските медиуми.
Во споредба со другите европски земји, просечното неделно фрлање храна по Италијанец е 555,8 грама, повеќе од Французите (459,9 грама), Шпанците (446,5 грама), Холанѓаните (469,6 грама) и Германците (512,9 грама), објавува „Раи“.
Италија е на прво место на ова рангирање, со околу 100 грама повеќе храна што се фрла по лице отколку во Шпанија или Франција. Овие резултати се согласно извештајот „Cross Country Report 2025“ од Waste Watcher International, објавен по повод 13-тиот Национален ден за спречување на фрлање храна.
Од позитивната страна, од 2015 година, просечниот неделен отпад од храна по лице во Италија се намалил за речиси 100 грама, од 650 грама на 555,8 грама.
Иако свеста за врската помеѓу отпадот од храна и влијанието врз животната средина расте, Италија е сè уште далеку од својата цел за 2030 година за намалување на отпадот од храна на 369,7 грама неделно.
Според Извештајот за индексот на отпад од храна за 2024 година од страна на UNEP (Програма за животна средина на Обединетите нации), годишно низ целиот свет се фрлаат 1,05 милијарди тони храна, што е една третина од глобалното производство.
