„Итно и без доцнење, разрешување на директорката“ – Лекарскиот колегиум „Козле“ со протесно писмо за Каролина Симоновска

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Лекарскиот колегиум на Клиниката „Козле“ преку протестно писмо побара итна оставка од в.д. директорката Каролина Симоновска, откако, според нив, ја разрешила нивната колешка, докторката со долгогодишно искуство Веселинка Митровска  Јосифовска, специјалист по бронхоскопија. Велат дека во текот на работата со пациент, директорката се обидел насилно да ја отстрани д-р Јосифовска од ординацијата, а за тоа има и сведоци. Бараат институциите итно да ја вратат на работа!

„Сaмоволието на директорката уништува многу животи ,ја уништува клиниката Козле а тоа дирекно се рефлектира на пациентите. Откако е назначена досега, нејзиното директорување брои низа скандали за кои јавноста беше информирана. Се спроведоа и средби со Министерот за здравство на кои беа укажани проблемите во клиниката. Се депонираа 30 потписи на лекари кои бараа разрешување на директорката .Сеуште се чека одговор за нејзино разрешување“, велат од Лекарски колегиум.

Во истото протестно писмо, Лекарскиот колегиум нагласува дека интервенцијата врз детето била успешна, бидејќи му било извадено туѓо тело од дишните патишта.

Ова не е првпат голем дел од медицинскиот персонал и останатите во Козле да реагираат на директорката за која велат дека лошо раководи и врши притисок врз вработените.

Запрашан за ова, министерот за здравство Арбен Таравари вчера вети дека ќе се разгледа работата на неколку директори на кои им истекува 6-месечен мандат како ВД директори.

„Има различни поплаки, некои се валидни, некои не, верувам дека во наредниот период треба да направиме некои промени на директорите бидејќи на некои директори им завршува 6-месечниот мандат, па затоа сме во постојана комуникација и не сакаме ова да се случува оваа врева, или нешто спектакуларно, но во рамките на редовните промени што планираме да ги направиме во некои одделенија, за некои не сме многу задоволни, но за некои одделенија сме супер задоволни“, вели Арбен Таравари.

Слично нешто Таравари кажа и пред еден месец, по средбата со директорката Симоновска за да ја слушне нејзината страна за обвинувањата против неа. Симоновска обвинувањата против неа ги нарече лаги. Од друга страна, Лекарскиот колегиум на Клиниката „Козле“ бара од надлежните институции, министерот за здравство и премиерот да стават крај на самоволието на Симоновска.