Ивановска: КЗ – лоша порака до граѓаните – Павле Трајанов поднесе иницијатива за преиспитување на уставноста

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Наместо да се донесе закон кој ќе го ограничи рокот на постапување на јавните обвинители и судии се намалува казната за прекршителите. Ова го истакна претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска за измените на Кривичниот законик која порача дека овие измени носат лоша порака до граѓаните.

„Службена позиција, дискреционите овластувања, непотизмот, нетранспарентност, отсуство на интегритет, дали овие фактори ќе се намалат сега со ваков закон? Не, напротив. Наместо да се донесе закон кој што ќе го ограничи рокот на постапување, ќе има реперкусија врз судиите и јавните обвинители кои што не постапуваат во рок, напротив се намалува казната за тие што се огрешиле. Значи која е пораката до граѓаните, дека корупцијата ќе им се исплати“, порача Билјана Ивановска.

Една од забелешките при носењето на измените на овој закон беше тоа што Владата го донесе експресно а Собранието го изгласа со европско знаменце. Роберт Скот Хајзлет од Националниот демократски институт пак вели дека кога се носи закон со европско знаменце не треба да се исполнат само политичките цели туку и критериумите на европското законодавство.

„Кога ставаме европско знаменце на нешто, на тоа мора да стои, мора да стои Целекс број, значи европски број и коресподентни табели за да се знае кој дел од европското законодавство го менуваме. Не само да се исполнат политичките критериуми треба да се сфати тоа. Значи ова е само пример за тоа што се обидуваме да направиме со парламентот, да размислуваме на начини за како да ги надградиме и подобриме правилата за процедурата за да може повеќе луѓе да учествуваат и да се донесат подобри одлуки“, вели Роберт Скот Хајзлет.

За измените на Кривичниот законик претседателот на Демократскиот сојуз Павле Трајанов поднесе иницијатива до Уставниот суд за нивно преиспитување на уставноста.

„Во иницијативата се укажува на обврската уставните одредби за владеење на правото и законите да важат подеднакво за сите, како и на потребата од заштита на државниот имот од злоупотреби на носители на јавни функции. Воедно се очекува Уставниот суд по службена должност да донесе времена мерка за одложување на примена на измените на Кривичниот законик до донесување конечна одлука за иницијативата“, вели Павле Трајанов.

Измените на Кривичниот законик беа усвоени во Собранието пред околу два недели а со нив се намалуваат казните за злоупотреба на службената положба и се скратува рокот за застарување на делата.